Победа на Атлетико во Вилјареал

Фудбалерите на мадридски Атлетикот со 2:0 го совладаа на гостувањето во Вилјареал истоимениот противник, во последниот неделен натпревар од 25-то коло на шпанската Примера.

Атлетико поведе во 25 минута кога Стефан Савиќ по нафрлувањето на Лемар го погоди несреќниот бек на домашните Педразо од кој топката се одби во мрежата. На вториот погодок се чекаше речиси цело полувреме. Нафрли Шиме Врсаљко, Пау Торес со глава ја исфрли топката но само до Жоа Феликс кој на работ од шеснаесетникот ја примири и со неодбранлув удар ја испрати во десниот долен агол.

Водечкиот Атлетико со оваа победа дојде до 58 бодови, пет повеќе од второпласираната Барселона од која има меч помалку, Реал Мадрид е на третото место со 52 бодови, и исто така меч помалку од Барселона. Вилјареал остана на седмата позиција со 37 бодови.

 

По шест натпреври без победа, фудбалерите на Гранада го прекинаа постот и на својот стадион со 2:1 го совладаа Елче. Квина во 31 минута ја доведе во водство екипата од Андалузија, за во 40 минута Бој да го постигне израмнувачкиот погодок за Елече. Да деветтата победа на Гранада оваа сезоа се погрижи Пуертас кој во 79 минута погоди за конечните 2:1.

Гранада со 33 бодови скокна на осмото место на првенствената табела, а Елче остана претпоследен 19-ти со 21 бод, но само бод помалку од зоната на опстанок.

 

Реал Бетис со голот на Хуанми во 84 минута оствари гостинска победа кај Кадиз. За Бетис ова беше третата последователна победа со која е на шестото место со 39 бодови. Додека Кадиз го доживеа петтиот пораз во последните седум натпревари колку што трае неговата серија без победа и падна на 15-то место со 25 бодови.

 

Во првиот неделен натпревар Селта Виго и Вајадолид одиграа 1:1, а домашните спасија бод во последните моменти од дуелот. Вајадолид поведе во 70 минута со голот на Орелана. Сѐ до четвртата минута од судиското продолжение гостите имаа три бода, но од Виго заминаа само со еден, бидејќи Муриљо погоди за конечните 1:1.

Селта Виго е 11-та со 30 бодови, а Вајадолид со 22 бодови е 17-ти, на позицијата која гарантира опстанок, но е бодови израмнет со 18-от Алавес, има бод повеќе од претпоследното Елче и два од последната Уеска.