Победа на Далас без Дончиќ, Јокиќ не можеше сам проив Вориорси, Мемфис направи пресврт

Екипата на Далас Маверикс извојува гостинска победа над Јута Џез со 126-118 во третиот натпревар од првото коло на плеј-офот во НБА лигата и сега води со 2-1. Гостите на овој дуел беа лишени од услугите и на најдобриот играч Лука Дончиќ, кој сè уште е повреден, но тоа не ги спречи да ја замолчат публиката во „Солт Лејк Сити“.

Маверикси одиграа одлично прво полувреме, особено во вториот квартал и на полувреме заминаа со убедлива предност од 68-51. Јута на стартот од третата четвртина влезе во ритам и успеа да намали на шест поени негатива, но потоа следуваше нов налет на гостите и победа од 126-118.

Во редовите на Далас повторно блескаше Џејлен Бренсон со 31 поен, а го следеа Динвиди со 20, Клебер со 17 и Бертранс со 15 поени. Во редовите на поразениот тим Мичел имаше 32 поени, хрватскиот репрезентативец Бојан Богдановиќ 24, додека Конли постигна 21 поен.

По голем пресврт кошаркарите на Мемфис Гризлис славеа гостинска победа над Минесота Тимбервулфс со 104-95, го вратија брејкот и повторно се во водство во оваа серија (2-1).

Гостите од Мемфис во последниот квартал влегоа со негатива од 16 поени, но одиграа неверојатни 12 минути и со 37-12 запишаа голема победа на своето конто. Бејн со 26 поени беше најефикасен, Кларк даде 20, додека Џа Морен оствари „трипл дабл“ со 16 поени, 10 скока и 10 асистенции.

Никола Јокиќ одново одигра фантастичен натпревар, но не можеше сам против Голден Стејт и неговиот Денвер Нагетс е пред елиминација уште во првото коло од плеј-офот во НБА лигата. Нагетси го загубија и третиот натпревар со Вориорси, овој пат со 118-113 и во четвртата средба влетуваат со негатива од 3-0.

Јокиќ натпреварот го заврши со 37 поени, 18 скока и пет асистенции, но немаше соодветна поддршка од соиграчите. Гордон постигна 18, а Бартон 13 поени. На другата страна Кари и Пул постигнаа по 27, а Томпсон 26 поени.