Победа на демохрстијаните на изборите во најнаселената покраина во Германија, опомена за канцеларот Шолц

Опозициската Христијанско-демократска унија (CDU) е победник на важните избори во германската сојузна покраина Северна Рајна-Вестфалија, додека на сојузно ниво владејачката Социјалдемократска партија на Германија (CDU) го оствари историски најлошиот резулатат во оваа некогаш традиционално социјалдемократска покраина.

Според прелиминарните прогнози врз основа на преброените гласови, CDU освоила 35 отсто од гласовите што е подобрување за 2-процентни поена во споредба со претходните избори во 2017 година. SPD со 27,5 отсто освоила 3,7 процентни поени помалку од пред пет години, а со тоа и најслабиот резултат во историјата на оваа сојузна покраина во којашто социјалдемократите со децении беа на власт.

Партијата на Зелените (Bündnis 90/Die Grünen), помал коалициски партнер во сојузната влада предводена од социјалдемократите и третата според рејтингот на последните сојузни избори, во Северна Рајна-Вестфалија освоиле 18,4 отсто и го оствариле својот најдобар резултат во оваа сојузна покраина.

 

Големи загуби за либералите, неизвесно останувањето во паралементот

Најголеми загуби претрпе третата партија во сојузната влада, либералните Слободни демократи (FDP), којашто досега како помал партнер учествуваше и во покраинската демохристајанско-либерална влада во Северна Рајна-Вестфалија. Веќе сега е извесно дека продолжувањето на таа коалиција е невозможно.

Според прелиминарните нецелосни податоци, FDP се движи околу 5 отсто освоени гласови, односно на границата на изборниот праг, па неизвесно е и влегувањето во покраинскиот парламент. Тоа значи пад од 7,6 процентни поени во споредба со покраинските избори пред пет години.

Евроскептичната и противдоселеничка десна партија Алтернатива за Германија (AfD), со 5,9 отсто освои малку помалку гласови отколку на последните избори, но обезбеди минување на изборниот праг. Партијата Левица (Die Linke) со 2,1 отсто освоени гласови не го мина изборниот праг.

Одѕивот на гласачите бил 56 отсто, што е значително помалку отколку пред пет години кога излегле 65 отсто од околу 13 милиони избирачи.

Теоретски в предвид доаѓа коалиција меѓу демохристијаните и зелените, но и коалиција меѓу социјалдемократите, зелените и евентуално либералите, којашто од декември владее и на сојузно ниво.

И CDU и SPD сакаат да ја формираат владата во Северна Рајна-Вестфалија. CDU смета дека како партија со најмногу освоени гласови има предност при формирањето на владата.

Членот на претседателството на CDU, Јенс Шпан, изјави дека демохристијаните и зелените се победници на изборите и навести дека преговорите за формирање на покраинската влада би можело да се движи во таа насоја. Демохристијаните и зелените веќе успешно коалицираат во сојузната покраина Баден Виртенберг.

„Денешниот резултат е јасна порака на гласачите дека CDU мора да ја составува и води идната влада“, изјави главниот кандидат на демохристијаните во Северна Рајна-Вестфалија и од минатата година премиер на оваа сојузна покраина, Хендрик Вуст.

Генералниот секретар на SPD, Кевин Кухнерт, истовремено се залага за преговори меѓу социјалдемократите и зелените кои зедно теоретски, исто така, може да располагаат со мнозинство во покраинскиот парламент во Диселдорф. Но Томас Кутшчати, главниот кандидат на SPD во Северна Рајна-Вестфалија по признавњето на поразот рече дека сега CDU треба да се обиде да ја состави коалициската влада.

 

Опомена за канцеларот Олаф Шолц

Изборите во најнаселената и економски најразвиена сојузна покраина поради нивната важност традиционално се нарекуваат и „мали сојузни избори“, а беа најважните избори годинава во Германија.

Пред една седмица CDU оствари убедлива победа и во најсеверната сојузна покраина Шлезвиг-Холштајн, каде што SPD беа трети зад зелените со освоени речиси 12 отсто помалку од гласовите отколку во 2017 година. Претходно социјалдемократите победија на изборите во најмалата сојузна покраина Сар. Годинава во октомври ќе се избира и парламентот во сојузната покраина Долна Саксонија.

Победата на CDU во овие две сојузни покраина се доживува и како потврда за новиот претседател на демохристијаните, Фридрих Мерц, којшто во јануари го презема водството на партијата на коешто долги години беше поранешната канцеларка Ангела Меркел.

Иако на покраинските избори гласачите главно се изјаснуваат според локалните теми, се смета дека лошиот резултат на SPD, особено во Северна Рајна-Вестфалија е сигнал за предупредување за социјалдемократскиот канцелар Олаф Шолц. Аналитичарите сметаат дека SPD избрале погрешна стратегија со поврзувањето на Шолц со изборите во оваа покраина, бидејќи неговата популарност последните седмица падна поради незадоволството на многу избирачи од неговите постапки во врска со војната во Украина.