Победа на Јувентус, Фиорентина се прости од капитенот

Фудбалерите на Јувентус повторно се на чело на Серија А откако во 27-то коло на домашен терен беа сигурни во победата над Удинезе со 2:0, додека дуелот во Фиренца мина во проштевање од починатиот капитен Давиде Астори.

Фиорентина славеше против последниот Беневенто со 1:0 во првиот натпревар откако остана без капитенот Давиде Астори кој ненадејно почина пред една седмица. Познатиот стадион „Артемио Франки“ во неделата беше во знакот на Астори, голем дел од навивачите дојдоа во дресот со број 13 кој го носеше починатиот капитен, како и сите играчи на Фиорентина., предводени од новиот капитен Милан Бадељ. Единствениот гол на мечот го порача Виктор Иго (Хуго) во 25 минута.

Јувентус се врати на врвот со победата над Удинезе, што беше единаесеттата победа во низа, од кои осум без примен гол. Двоен стрелец беше Паол Дибала во 20 и 49 минута, додека Игуаин во 38 минута не реализираше пенал.

Кротоне во бегство од дното на домашен терен дури со 4:1 ја совлада Сампродија. Лацио се спаси од пораз кај Каљари (2:2), со голот на Имобиле во петтата минута од судиското продолжение. Во дербито на дното Саусуоло и СПАЛ одиграа 1:1, а Аталанта ги однесе бодовите од Болоња со 1:0/.

Подоцна играат Џенова – Милан и Интер – Наполи.

Засега Јувентус води на табелата со 71 бод, пред Наполи кој има 69 и Рома со 56 бодови. На дното се Кротоне, Сасуаоло и Спал со по 24 бодови, Верона има 22 а Беневенто само 10 бодови.