Победи на Арсенал, Тотенхем и Лестер

Во лондонскот дерби од 21-то коло на англиското фудбалско првенство, Арсенал со 4:1 го победи Фулам со што ја продолжи низата без домашен пораз од градскиот ривал на 29 натпревари, Тотенхем беше сигурен на гостувањето кај слабиот Кардиф Сити, а Лестер забележа минимална но вредна победа на гостувањето кај Евертон.

„Топчиите“ никогаш во својата историја не загубиле домашен натпревар од Фулам. Во досегаштните 29 соочувања, Арсенал славел на 24 додека пет средби завршиле без победник. Арсенал со новите три бода се зацврсти на петтата позиција на табелата со 41 бод, додека Фулам е претпоследен 19-ти со 14 бодови.

Головите за Арсенал ги постигнаа четири различни играчи, Гранит Џака во 25, Александр Лаказет во 55, Арон Ремзи во 79 и Пјер Обамејанг во 83, додека стрелец за гостите беше Абубакар Камара во 69 минута. Со овој гол Обамејанг сега е водечки стрелец во лигата со 14 голови заедно со Хари Кејн од Тотенхем, а еден помалу има постигнато Мохамед Салах од Ливерпул кој има и меч во четврток.

Трагичар на мечот беше гостинскиот напаѓач Риан Сесињон кој во првото полувреме при резултат 0:0 имаше две одлични шанси. Во 15 минута излезе сам пред голманот Бренд Лен, но го промаши целиот гол, додека осум минути подоцна не ја погоди топката на втората статива кога му остана само да ја спроведе во мрежата.

Во првиот меч во 2019-та во англиската Премиер лига, Лестер Сити на гостувањето го победи Евертон забележувајќи ја третата победа во последните четири кола. Решавачкиот гол на средбата играна на „Гудисон Парк“ го постигна Џејми Варди во 58 минути на асистенција на Рикардо Переира. Со трите бода Лестер привремено се искачи на седмото место со 31 бод, а Евертон остана во моментов на десеттот место со 27 бодови.

Интерсно е што ова беше петтиот лигашки настап на Нова година и четврта победа, додека Евертон со овој пораз ја продлабочи кризата во којашто се наоѓа. Во последните пет кола Евертон забелажа четири порази, а во последните девет кола славеше само еднаш.

Во последниот дуел од вторничната програма Тотенхем лесно победи на гостувањето кај Кардиф Сити со 3:0, а целата работа „Спарси“ ја завршија во првите 26 минути. Стрелци беа Хари Кејн во 3, Кристијан Ериксен во 12 и Сон Хеунг Мин во 26 минута, а во продолжението гостите рутински ја сочуваа предноста.

На табелата води Ливерпул со 54 бодови, Тотенхем сега има 48, бод повеќе од Манчестер Сити, а следи Челзи со 43 бода. Ливерпул во четврток гостува во, можеби дуелот кој ќе го реши првенството, кај Манчестер Сити.

Во среда се играат дуелите: Борнмут – Вотфорд, Челзи – Саутемптон, Хадерсфилд – Барнли, Вест Хем – Брајтон, Вулверхемптон – Кристал Палас и Њукасл Јунајтед – Манчестер Јунајтед.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.