Победи на Барса и Атлетико, дистанцата повторно седум бодови

Фудбалерите на Барселона и мадридски Атлетико забележаа победи во саботните натпревари во рамките на 27-то коло на шпанското првенство, па двете екипи кои следната седмица ги почекуваат важните реванш дуели во Лигата на шампионите останаа на разликата до седум бодови во полза на Каталонците.

Барселона на својот „Камп Ноу“ славеше против Рајо Ваљекано, кои пак прв поведе на мечот со убавиот гол од дистанца во 24 минута на Де Томас. Сепак Барса, со головите на Жерат Пике во 38, Лионел Меси од пенал во 51 и на Луси Суарез во 82 минута, дојде до победата.

Атлетико на својот стадион „Ванда Метрополитано“ со минимални 1:0 го пораи Леганес со голот на Саул во 50 минута. Пеналот што го изведе Саул го одбрани голманот на Леганес, но топката среќно се одби играчот на Атлетико кој погоди од втората шанса.

Барселона е во водство со 63 бодови, а Атлетико ја селди со 56 бодови. Рајо Ваљекано е претпоследен 19-ти со 23 бодови, еден повеќе од последната Хуеска , а и екипите кои се на најблиските места од зоната на опстанок во недела ќе ги играат своите дуели од ова коло. Леганес, пак, во моментов е 13-ти со 33 бодови.

Хетафе со 2:1 ја победи последната Хуеска, која поведе во 35 минута преку Гаљего, но потоа Хаиме Мата погоди од пенал во 50 минута а дваесет минути подоцна уште еднаш. Така Хетафе со 45 бодови се задржа на изненадувачкото за овој клуб високо четврто место на табелата, а Хусеска е зациментирана на дното со 22 бодови.

Претходно во саботата Алавес и Еибар одиграа без победник. Домашните поведоа во 58 минута со голот на Инуаи а израмни Кардона во 71 минута. Алавес има 41 бод и останува петти, четири бода зад Хетафе, а четири повеќе од Севилја, кој има натпревар помалку. Еибар е 10-ти со 35 бодови.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.