Победи на Челзи, Ливерпул и Сити за максимален ефект

Фудбалерите на Челзи, Ливепрул и актуелниот шампион Манчестер Сити и натаму имаат максимален учинок откако во саботата во дуелите од четвртото коло од англиското фудбалско првенство остварија нови победи.

Сити потешко отколку што се очекуваше дојде до победата над Њукасл Сити од 2:1. Манчестер Сити поведе со голот на Рахим Стерлинг веќе во 8 минута, кога се чинеше дека гостите ќе доживеат потоп. Но во 30 минута израмни Деандре Једлин, а во второто полувреме и покрај повеќето шанси шампиониот дојде до победата со прекрасниот гол на Кили Вокер во 52 минута постигнат со прецизен шут од повеќе од 25 метри. Ова е трет минимален пораз за солидниот Њукасл од почетокот на сезоната во дуел со клуб од големата англиска „шестка“, по Ливерпул и Челзи на домашен терен, иако во сите мечеви се претставија како цврста и квалитетна екипа.

Челзи на својот терен долго се мачеше со едно од најпријатните изенадувања сезоната Борнмут и дури во самата завршница го проби гостинскиот бункер. Головите за Челзи ги постигнаа Педро во 72 и Еден Азар во 85 минута.

Три бода освои и Ливерпул кој на гостувањето кај Лестер Сити победи со 2:1. Гостите поведоа во првото полувреме со головите на Садио Мане во 10 и Роберто Фирмињо во 45 минута, додека Лестер во второто полувреме намали на 1:2 со голот на Расид Гезала по големата грешка на противничкиот голман Алисон. Бразилецот имено на аголот од својот шеснаесетник се обиде да се надигрува со Ајхинач, но Нигериецот му ја одзема топката и ја додаде до Гезала кој биеше во небранетата мрежа. За среќа на Алисон и неговиот нов клуб Ливерпул, домашните до крајот не успеаја да го сменат резултатот.

Брајтон енд Хоув Албион и Фулам одиграа возбудлив натпревар во кој ги поделија бодовите со резултат 2:2. Домашните во 25 минута имаа удар од белата точка, но Паскал Грос не реализираше. Казната според непишаното фудбалско правило стаса во 43 минута кога Андре Ширле го доведе тимот од Лондон во водство, а на 2:0 за Фулам зголеми Александар Митровиќ во 62 минута. Сепак, домашните до крајот на дуелот успеаја да израмнат, а двата погодока ги постигна Глен Мареј, во 67 и во 84 минута од пенал кој го направи токму Митровиќ играјќи со рака во својот шеснаесетник.
Бодовите ги поделија и Евертон и Хадерсфилд Таун, и тоа за две минути. Гостите поведоа во 34 минута преку Билинг, а Евертон израмни во 36-та преку Калверт-Левин.

Вест Хем Јунајтед го забележа и четвртиот пораз. Овојпат „Чеканите“ на нивен терен ги совлада Вулверхемптон со голот на Траоре во третата минута од судиското продолжение.

Пред своите навивачи беше поразен и Кристал Палас од Саутемптон. За гостите прецизни беа Ингс во 47 и Хојбјерг во втората минута од судиското продолжение.

Во недела се играат дуелите Кардиф Сити – Арсенал, Барнли – Манчестер Јунајтед и Вотфорд – Тотенхем.