Победи на ПСВ, реми во Лисабон и Белград

Фудбалерите на ПСВ Ајндховен победија на гостувањето кај БАТЕ Борисов со 3:2 во првиот меч од завршната рунда квалификации за пласман во Лигата на шамионите играни во вторникот вечерта, додека во Лисабон Бенфика и ПАОК одиграа 1:1, а белградска Црвена Ѕвезда и РБ Салцбург го завршија дуелот без голови.

Мечот меѓу белоруски БАТЕ Борисов и холандски ПСВ Ајндховен беше највозбудливиот вечерва, полн со пресврти а на крајот славеа гостите со 3:2.

БАТЕ поведе веќе во 9 минута со голот на Јасе Тиоминен, а израмни Гастон Переиро од пенал во 35 минута. Холанѓаните направија пресврт во 61 минута со убавиот гол на Хирвинг Лозано од 20-ина метри. Во 88 минута Александр Хлеб израмнува за домашниот клуб од Борисов, но веќе во следната минута ПСВ стаса до ново водство со голот на Донели Мејлен, по нафрлувањето од лева страна на Хозе Тасанде.

Во еден од своевидните дерби натпревари Бенфика и ПАОК во Лисабон одиграа без победник 1:1. Португалците поведоа во последните моменти на првото полувреме од пенал кој го реализираше Пици, кој претходно во 27 минута ја погоди стативата. Пеналот го направа Маурисио кој го турна Гедсон Фернандез кој се најде во шанса за постигнување гол.

ПАОК израмни во 76 минута кога Варда ја турна топката во небранетата мрежа откако претходно Варела ја погоди стативата.

Единствен дуел кој заврши без голови беше оној во Белград меѓу Црвена Ѕведа и РБ Салцбург. Натпреварот беше игран пред празните трибини на популарната „белградска Маракана“, бидејќи Ѕвезда е казнета со два домашни меча во европските натпреварувања без гледачи и со 72.000 евра поради расистичко однесување на нејзините навивачи во текот на дуелот со Судува. Салцбург делуваше малку поопасен по противничкиот гол, меѓутоа во текот на натпреварот и двата тима не создадоа вистинска шанса за погодок.

Реванш натпреварите ќе се играат на 29-ти август.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.