Победниците на Евровизија го продадоа трофејот, со парите ќе купат дронови за војската

Групата „Калуш оркестра“ го продаде трофејот што го доби за победата на годинашната Евровизија, постигнувајќи цена од 900.000 долари, а парите ќе биде наменети за украинската војска. Кристалниот микрофон беше понуден на аукција на Фејсбук, со цел да се купат дронови.

„Ве молам, не се навикнувајте на војната! Мислам дека таа постојано би требала да биде на насловните страници додека не се постигне мир“, изјави членот на групата Олег Псјук.

„Пријатели, вие сте неверојатни! Благодарни сме на секој од вас што донираше средства за оваа аукција, а особено на тимот на Whitebit кој го купи трофејот за 900.000 долари и сега стана негов сопственик. Претплатете се на нив, тие навистина го заслужуваат тоа. Слава на Украина! Слава на вооружените сили на Украина“, објавено е на Фејсбук профилот на оваа група, пренесува Укринформ.

Победничката песна „Стефанија“ оригинално беше напишана за мајката на Псјук, но некои стихови асоцираат на состојбата во Украина.

Од групата кажаа дека парите ќе бидат искористени за да се купат три дрона „ПД-2“ од украинско производство.