Победникот на Берлинскиот фестивал ќе се прикаже на Синедејс

Во рамките на 13. издание на фестивалот на европски филм CINEDAYS коe ќе се одржи кон средината на месец ноември 2014, кино публиката од Скопје ќе има можност да го погледне победничкиот филм на овогодинешното 64. издание на Берлинскиот филмски фестивал – „Црн јаглен, тенок лед”.

Кинескиот филм „Црн јаглен, тенок лед” во режија на Диао Јинан е криминалистичка приказна, исткаена од мрачната љубов, желбата за одмазда и сексуална страст во едно општество без морални вредности.

Покрај наградата “Златна мечка”, филмот “Црн јаглен, тенок лед” кој ја прикажува потрагата на еден детектив по серискиот убиец, на меѓународниот филмски фестивал во Берлин се здоби и со “Сребрена мечка” за најдобра машка улога која ја толкува Лиао Фан.

Ова е само еден од бројните наслови кои се веќе договорени за прикажување на фестивалот CINEDAYS, покрај многубројните гости, работилници, предавања и останати настани кои ќе го одбележат изданието кое следува.