ПОЦ и пазарџиите се договорија, паркинг ќе има и за товарните возила и за локалните жители

39

ЈП Паркинзи на Општина Центар (ПОЦ) информираат дека е постигнат договор со пазарџиите кој ќе го реши проблемот со неуреденото паркиралиште „Аутомакедонија“. ПОЦ тврди дека во месец март ќе го уреди „дивиот паркинг“ зад „Зелен Пазар“, кој моментално е во хаотична состојба и не е функционален ниту за жителите, ниту за корисниците на услугите на „Скопски пазар“.

Ваквиот договорот дошол по средбате на градоначалникот на Центар, Саша Богдановиќ, директорот на ПОЦ, Васко Кичевски, директорот на Скопски пазар АД Скопје, Младен Дамев и претставници на пазарџиите од „Зелен Пазар“.

Според ПОЦ, на средбата се разгледувале доставените барања од пазарџиите, се разговарало за нови ефикасни решенија, кои, велат тие, се во интерес и на жителите и на трговците од „Зелен Пазар“.

„На ова неуредено паркиралиште ЈП ПОЦ ќе постави нов систем за контрола на влезно-излезни рампи, односно, едниот дел ќе биде наменет за товарните возила на пазарџиите, а останатиот дел ќе биде резидентен паркинг за жителите од ул. ‘11 Октомври’ и бул. ‘Кочо Рацин’. Со отворање на ова паркиралиште, паркиралиштето „Аутомакедонија“ целосно ќе се ослободи од товарните возила и ќе им овозможи на жителите брз и лесен пристап до нивните домови“, соопштува ПОЦ.

Дополнуваат дека Општина Центар во координација со пазарна инспекција ќе ја преземе одговорноста за дивите пазарџии на паркиралиштето кај „Аутомакедонија“.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.