Почесниот конзул Ќосески се сретна со австралискиот министер за правда

Почесниот конзул на Македонија во Австралија Зоран Ќосески вчера се сретна со австралискиот министер за правда Мајкл Кинан.

На средбата се разговарало за унапредување на односите меѓу двете земји, за можностите за зголемување на трговската размена и за инвестирање на австралиски бизнисмени во Македонија.

Обострано е оценето дека сегашниот развој на инвестициите и бизнис контактите меѓу австралиските и македонските компании се добар почеток за идната соработка и влез на австралиски капитал во Македонија.

Ќосески и министерот Кинан разговарале и за културниот развој на македонската заедница во Австралија, за нејзините напори за зачувување и развивање на јазичниот и културниот идентитет во рамки на мултикултурна Австралија.

Министерот Кинан истакнал дека Владата на Австралија ќе продолжи и во иднина како и досега да и дава поддршка на македонската заедница за нејзините проекти на културен план.