Почесниот конзул на Белорусија го демантира Милошоски, а тој му најави тужба

Белоруската амбасада во Белград и почесниот конзулат на Белорусија во Скопје подготвуваат протестна нота поради вчерашната изјава на пратеникот Антонио Милошоски дека бизнисмен од Битола пријавил рекет во амбасадата.

Известувањето до медиумите го испраќа почесниот конзулат на Република Белорусија, а документот го објавија и повеќе пратеници на СДСМ на своите фејсбук профили.

Според известувањето, Милошоски вчера во Собранието изнел лажни вести затоа што ниту еден бизнисмен не споделил такви забелешки до амбасадата во Белград.

-Ниту во минатото ниту сега до Амбасадата на Република Белорусија во Белград и до амбасадорот Валериј Брилјев, ниту во Почесниот конзулат на Република Белорусија во Република Северна Македонија во Скопје не се доставени жалби.

Исто така ниеден стопанственик што бил примен на разговор не се пожалил за никакви проблеми, од каква било природа и какви било размери, известуваат од Почесниот конзулат во Скопје. Милошоски тврдеше дека на бизнисмен од Битола кој добивал тендери во РЕК му бил баран рекет од 250 илјади евра за што ја известил белоруската амбасада во Белград.

Почесен конзул на Белорусија во Северна Македонија е Борче Марковски, бизнисмен кој има и градежна компанија која често соработува со РЕК Битола.

На демантот реагираше Антонијо Милошоски кој објасни дека наводите што ги презентирал претходно биле пренесени од најмалку пет медиуми и дека станува збор за прашање од јавен интерес.

„Сосема легитимно за секој пратеник е до Владата да постави прашање од јавен интерес, дали тие медиумски наводи за барање рекет на фирмите што работат во РЕК „Битола“ се точни“, пишува Милошоски во својата објава на Фејсбук, со која се обраќа до почесниот конзул на Белорусија, Борче Марковски, за кој забележува дека е сопственик на „Марковски компани“ од Битола.