Анализи

Почетокот на крајот на Ангела Меркел

Почетокот на крајот на Ангела Меркел

На специjалниот конгрес на Демо-Христијаните на Ангела Меркел, во понеделникот, поставени беа темелите на иднина без долгогодишниот Канцелар на чело, со тоа што на клучните позиции беа избрани нова генерација на конзервативци – меѓу кои и Јенс Спан, нејзиниот најистакнат критичар.

Во периодот пред средбата во понеделникот, Меркел се соочи со растечки притисок, од страна на партијата, за да почне да се разјаснува прашање за нејзин наследник и за да му се даде посилен глас на конзервативното крило на Демо-христијанската партија (ЦДУ).

Ако биде обновена владејачката коалиција со Социјал-демократите – прашање на кое одговор ќе има во недела – следниот мандат се очекува да биде последен на Меркел, анализира „politico.eu“.

По долга дебата делегатите на конгресот ги одобрија, како планираната голема коалиција, така и кандидатите за владата на Меркел, и тоа речиси едногласно – јасен знак дека напорите на Канцеларот за смирување на верното партиско членство, се успешни, барем моментно. За да ја смири водата, Меркел се согласи да ги отвори вратите на својот кабинет за новата генерација на Демо-христијаните. Тоа беше болна согласност.

Партијата се смири. Целата тензија, која ја видовме во последните недели, исчезна, рече Елмар Брок, кој е дел од козервативното крило на ЦДУ, член на извршниот комитет на партијата и долгогодишен европратеник.

Критиките за лидерството на Меркел станаа посилни, откако таа тргуваше со клучни министерства во разговорите за коалицирање, вклучително и многу важните како министерствата за финансии и за внатрешни работи.

Многу од членовите на Демо-христијаните, исто така, ја обвинија Меркел за големиот пад на поддршката на партија на изборите во септември, лани. Партијата го имаше својот најлош пост-воен резултат. За да ја смири водата, Меркел се согласи да ги отвори вратите на својот кабинет за новата генерација на Демо-христијаните. Многу болна согласност за канцеларот, бидејќи беше принудена да ги исфрли долгогодишните политички сојузници како министерот за внатрешни работи, Томас де Мајзиер, и како министерот за здравство, Херман Грухе.

Левичарскиот курс

Во нејзиното речиси дводецениско лидерство на Демо-христијните, Меркел ја води партијата, која инаку се декларира како центристичко-десничарска, се’ повеќе кон лево. Извесно време таа стратегија ги прошири апетите на ЦДУ и привлече гласачи од другите партии, меѓу кои и од Социјал-демократите и од Зелените.

По кризата со мигрантите, умерениот курс на Меркел ги оттргна конзевративците од базата на Демо-христијаните, а некои потоа дури и се ориентираа кон крајната десница – „Алтернативата за Германија“. Многумина од членовите на Демо-христијаните го следеа тој развој на настаните со незадоволство и го притиснаа партиското раководство за да ја задржат својата конзервативна поддршка.

Одлуката на Меркел нов министер за здравство во следниот владин кабинет да биде Јенс Спан, кој моментно е заменик министер за финансии, е најјасниот знак дека таа ја прифаќа неопходноста да ги ангажира во својата влада нејзините критичари. Триесет и седумгодишниот Спен беше гласен и јавен противник на Меркел во однос на дузина прашања, како што се мигрантите и двојното државјанство. На партискиот конгрес во 2014 година, тој си го поплочи патот во извршниот комитет на Демо-христијаните, со тоа што го победи фаворитот на Меркел за таа функција. Претходно во својата кариера, Меркел имаше репутација на политичар кој брзо и брутално елиминира вакви партиски бунтовници. Но, таа не успеа да го направи тоа со Спан, и сега на целата ситуација се гледа како знак за слабеење на нејзината цврста рака во партијата. Намаленото влијание на Канцеларот беше јасно обелоденето во понеделникот.

Додека делегатите го наградија нејзиниот едночасовен говор со учтив аплауз, го забележаа ентузијазмот на еден друг говорник – Анегрет Крамп-Каренбауер, новиот генерален секретар на партијата и фигура, која многумина би сакале да ја видат како нов лидер на Демо-христијаните.

Меркел ја номинираше популарната премиерка на покраината Саарланд за важната партиска позиција минатата недела, чекор кој многумина од делегатите на ЦДУ го подржаа само за зачувување на партиското единство.

Иако понекогаш и’ прават карикатури како „мини Меркел“, педесет и петгодишната Анегрет Крамп-Каренбауер има широка поддршка во партијата. Големината на таа подрршка стана кристално јасна на конгресот, кога дури 99 отсто од делегатите ја одобрија нејзината кандидатура за генерален секретар. Основната задача на Крамп-Каренбауер, во следните месеци, ќе биде да помогне во пишувањето нова програма насочена кон модернизирање и ново силно заживување на најголемата политичка партија во Германија.

Сакаме да бидеме силна народна партија, а не безлично масовно движење, кон кое секој може едноставно да се закачи, рече таа во својот говор пред делегатите, и беше поздравена со бурно ракоплескање.

Крамп-Каренбауер вети освојување на три милиони гласа, кои Демо-христијаните ги загубија, а ги добија Слободните демократи и „Алтернатива за Германија“, на изборите во септември, лани. Таа рече дека партијата ќе го стори тоа без да „плука“ и да се повикуваа на често замрачената реторика на екстремната десница.

Јенс Спан понуди слична порака во својоето обраќање пред делегатите, но неговите забелешки беа прифатени со помалку восхит.

Не сум подготвен да прифатам само едноставно постоење на десна партија од нас во парламентот, потенцираше тој и дополни дека целта на ЦДУ треба да биде да ја уништи „Алтернатива за Германија“, моментно третата по големина партија, на изборите во следните години.

Конкурентни визии

Иако двете големи надежи на Демо-христијаните ја делат истата цел – повторно да ги вратат изгубените гласачи на конзервативците, прашањето како да се постигне тоа ветува дека ќе биде многу дискутабилно. Тоа всушност ќе биде и централно во определбата на идната насока и лидерство на партијата. Како генерален секретар, со силна поддршка од Меркел, Крамп-Каренбауер изгледа дека ќе има предност во однос на Спан.

И покрај неговата популарност меѓу конзервативците, Јенс Спан сеуште не покажал дека има поголема поддршка. Најважното е дека тој сеуште не докажал дека може да победи на големи избори.

Од друга страна, пак, тоа е нешто од кое Крамп-Каренбауер, избрана за премиер на Саарланд со повеќе од 40 отсто од вкупниот број гласови, лани, не треба воопшто да биде вознемирена. Нејзин предизвик ќе биде да ги обедини Демо-христијаните околу нова стратегија, прифатена како од умерените, така и од конзервативците.

И покрај растечките шпекулации околу наследникот на Меркел, шансите се Канцеларот да остане во функција уште некое време. На почетокот на месецов, таа ги отфрли сугестирањата дека може да се повлече по следните две години извршување на функцијата Канцелар, потенцирајќи дека би сакала да комплетира уште еден цел мандат.