Почетино главен кандидат за тренер на Барселона

Аргентинскиот фудбалски стратег, 48-годишниот Маурисио Почетино, е галвен кандидат да го заземе тренерското место на Барселона, а веќе се сретнал со претседателот на каталонскиот великан Жозеп Бартоломеу.

По историски катастрофалниот пораз од 2:8 во дуелот со минхенски Баерн во четвртфиналетоп од Лигата на шампионите, веќе нема дилеми дека досегаштниот тренер на Барселона, Кике Сетиен ќе замине од клубот кој годинава, како ретко кога во повеќе од 110-годишната историја не освои ниедна титула.

Според јавното Каталонско радио, средбата меѓу Почетино и Бартоломеу се одржала неколку дена пред мечот со Баварците, и оти доаѓањето на Аргентинецот го поддржува и неговиот сонародник и капитен на Барса, Лионел Меси.

Почетино во ноември минатата година доби отказ од лондонски Тотенхен кого пет години го водеше. Поголемиот дел од играчката кариера ја мина во Еспањол, градскиот ривал на Барселона, кој по три децении непрекинато играње во Примера годинава го загуби прволигашкиот статус. Во Еспањол тој и ја започна тренерската кариера во 2009 година.

Почетино претходно во јули беше споменуван како можна замена за Маурицио Сари на клупата на италијанскиот гигант Јувентус, откако беше во игра да ја преземе и португалска Бенфика.