Почетино го напушти ПСЖ, доаѓа Галтиер

Аргентинецот Маурисио Почетино повеќе не е тренер на францускиот шампион Пари Сен Жермен, објави во вторникот клубот, потврдувајќи ги нагаѓањата за разделба со досегашниот стратег кон на клупата на париските „Светци“ мина само 18 месеци.

Почетинот имаше важечки договор со ПСЖ до летото 2023 година.

„Пари Сен Жермен потврдува дека Маурисио Почетино ја заврши својата работа во клубот“, се наведува во официјалното клупско соопштение во кој на аргентинскиот тренер и неговите соработници им се заблагодарува за извршената работа и им посакаа сѐ најдобро во иднина.

Почетино на клупата на ПСЖ дојде во јануари 2021 година. Мандатот го започна со освојување на Купот на Франција, но остана без титулата национален првак која изненадувачки ја освои Лил. Минатата сезона ПСЖ убедливо го освои француското првенство, но повторно изостана резултатот во Лигата на шампионите, иако во тимот го донесе сонародникот Лионел Меси.

Лигата на шампионите е единственото натпреварување во коешто клубот не го освоил откако во 2011 година сопственоста над ПСЖ ја презема компанијата „Qatar Sports Investment“.

Рано попладнето во Париз е закажана прес-конференција на којашто како наследник на Почетино треба да биде претставен досегашниот тренер на Ница, Кристоп Галтиер, со кого претседателот ПСЖ, Насер ал-Келаифи преговарал во јуни. Дека Галтиер ќе биде нов тренер на ПСЖ се насети кога на клупата на Ница беше доведен поранешниот тренер на Борусија Дортмунд, Лусјен Фавр.