Почеток на преговорите е од заеднички интерес и за ЕУ и за Македонија

Меѓу најважните приоритети за Република Македонија останува да биде брзиот почеток на преговори со ЕУ, кое прашање истовремено претставува сериозен предизвик и за самата Европска Унија.

По добивањето на кандидатскиот статус (2005) и целосно исполнетите критериуми за членство во ЕУ, Република Македонија уште позасилено продолжи со своите сеопфатни општествени реформи цврсто упатени кон освојување на европската тврдина. Резултат на кумулативниот прогрес беа и дадените шест последователни препораки на Европската Комисија (2009-2014) во кои недвосмислено беше констатирано дека Република Македонија е подготвена и заслужува да ги започне преговорите со ЕУ.

Во неодамнешното писмо, упатено до новиот Претседател на Европскиот Совет, Доналд Туск од страна на Претседателот на Република Македонија, д-р Ѓорге Иванов на легитимен начин замолува за зголемен ангажман на претставниците на ЕУ и земјите членки со цел да се деблокира стартот на процесот на преговори. Се нагласува дека почетокот на преговори не претставува интерес само за Република Македонија, туку исто така е од повеќе страна корист и за земјите членки на Европската Унија, вклучувајќи ја и Република Грција.  Тој истовремено го поставува и прашањето, што ќе изгуби Грција доколку Република Македонија добие датум за почеток на преговорите?

Доскорешниот Претседател на Европската Комиисија Емануел Баросо пред неколку дена на една меѓународна конференција, под наслов „ЕУ и Западен Балкан 2015-2020“ одржана во Белград, изјави дека е горд на фактот што како претседател на ЕК му предложил на Советот на ЕУ да започне преговори со Србија и Црна Гора и дека  проширувањето на Унијата претставува една од најуспешните политики, кои истовремено овозможиле силен просперитет и стабилност на земјите-членки. При тоа дополнително констатирал и дека проширувањето со балтичките земји, Бугарија и Романија, служело како дополнителна превенција во создавање на нови кризи во Европа.

Веројатно и ние би требало да се запрашаме, дали програмските ставови на Европската Комисија и нејзиниот  актуелен претседател за замрзнување на проширувањето во текот на наредните пет години претставуваат долгорочен стратешки интерес на ЕУ, и дали таквиот став нема да предизвика намалување на ентузијазмот и јавната поддршка на земјите кандидати за членство,  намалувањето на кредибилитетот на една oд најуспешните политики на ЕУ, како и загрозување на европскиот мир, стабилност и безбедност.

Доколку стратешкиот интерес на Унијата е промовирање на европските вредности, почитувањето на меѓународното право, целосна имплементација на  пазарните законитости, почитување на различните културни, национални и религиски вредности, потребата од зголемена соработка, меѓусебна доверба и единство на граѓаните на Европа, тогаш би можеле да констатираме дека одложувањето на почеток на преговори за Република Македонија и приемот на нови земји членки е повеќе од погрешен.

Истата таа одлука ќе влијае негативно и кон одржувањето на ентузијазмот и јавната поддршка кај граѓаните во земјите кандидати за членство. Овде би посетил на сеуште високиот процент на поддршка кој граѓаните на Македонија го даваат во однос на поддршката на ЕУ и НАТО, кој заради неможноста од реализацијата на препораките за почеток на преговорите има тенденции на  благо намалување. Последната анкета направена од Факултетот за безбедност во Скопје покажува дека 61% од граѓаните на Република го подржуваат  членството на РМ во ЕУ, а 81% го подржуваат приклучувањето кон НАТО. Намалената јавна поддршка на ЕУ е резултат и на постепеното запоставување на политиката на проширување, како и недоволната посветеност и ефикасност на ЕУ во соочувањето и разрешувањето на се поголемиот број актуелни политички, безбедносни, економски и финансиски проблеми со кои се соочува.

Почетокот на преговори на РМ со ЕУ и понатаму би требало да биде поддржуван од страна на Европската Унија, која веруваме дека има непосреден и реален интерес регионот на Западен Балкан да го претвори во симбол и промотор на единство, разбирање и блиска соработка. Истовремено со таквиот чекор Република Грција и Република Бугарија (како земји членки на ЕУ) ќе добијат стабилен сојузник и сосед кој постојано ги подржува прокламираните европски вредности и има силна воља уште повеќе да ја унапреди севкупната билатерална и регионална соработка.

Не помалку значајно за стабилноста на регионот на Западен Балкан и воопшто Европа е опстојувањето на независна, суверена и стабилна Република Македонија, ослободена од притисокот за создавање на нови облици на нестабилност, а кои неспорно можат да бидат предизвикани со дополнителни политички, економски, меѓуетнички и други видови на тензии, кои веруваме дека повеќе никому не му одат во прилог.

Неспорно е дека Европската Унија и нејзините земји членки треба да и посветат поголемо внимание на Македонија, која од 1991 година наваму континуирано постигнува солидни реформски резултати, а од  2006 година до денес уште посериозно се посветува кон остварувањето на стратешките  надворешно политички цели, унапредувањето на билатералните релации со сите свои соседи и други земји во светот, кон привлекување на странските инвестиции, зголемувањето на македонскиот извоз, реформите во образованието, унапредувањето на здравствениот систем, засилување на борбата против корупцијата, криминалот и тероризмот, постепено подобрување на независниот медиумскиот простор, реформите во независното правосудство итн.

Без оглед на реалните постигнувања на Република Македонија и нејзините напори насочени кон остварување на европските и евроатланските интеграции и фактот на донесена пресуда на Меѓународниот суд на правдата, која ветото на Грција за напредок го карактеризира како нелегално однесување, повеќе од јасно е дека и понатаму се случува континуирана злоупотреба на правото на вето и непочитувањето на принципите и правилата на меѓународното право.

Би сакал земјите членки на ЕУ да престанат со наметнување на нови дополнителни критериуми, нови забелешки и нови барања, а кои во недостиг на соодветно решение принудени се да изнаоѓаат нови изговори и да го оправдаат нивното досегашно нелегално, нелегитимно и неморално постапување и даден несоодветен третман на Република Македонија, која мораме да признаеме не заслужува таков третман.

Заклучувам дека почетокот на преговорите со ЕУ паралелно со решавањето на билатералните разлики со Грција во однос на употребата на уставното име на нашата држава е решение прифатливо за двете земји, но и за другите земји членки на ЕУ. Истовремено реализацијата на таквиот позитивен чекор ќе биде во интерес на подобрување на  политичката, меѓуетничка и меѓуверска кохезија во РМ, засилен економски развој на државата, зголемување на кредибилитетот на ЕУ, потврдување на политиката на отворени врати на ЕУ, квалитетно и квантитативно подобрување на енергетската и сообраќајна инфраструктура во Југо источна Европа,  како и зголемување на мирот, стабилноста, безбедноста и економскиот просперитет во Европа.