Почина академик Благој Попов

Македонската академија на науките и уметностите со жалење ја информира јавноста дека денес почина академик Благој Попов, член на Македонската академија на науките и уметностите од нејзизиното формирање во 1967 година.

Академик Благој Попов е роден во Кочани на 17 јануари 1923 година. Дипломирал во Белград на Филозофскиот факултет (група математика) во 1946 година. Во 1946 и 1947 година студирал на Електро-техничкиот факултет во Белград. Докторирал на Филозофскиот факултет на Универзитетот во Скопје, во 1952 година, како прв доктор на науки, на тема „Формирање критериуми за редуктибилност на некои класи линеарни диференцијални равенки“.

Од 1948 година е асистент на Филозофскиот факултет во Скопје. Во 1949 година е избран за предавач, во 1953 година за доцент по предметот математичка анализа, а во 1963 година за редовен професор. Од 1950 година е шеф на Математичкиот институт, односно на Катедрата по математика на истиот Факултет. Бил декан на Природно-математичкиот факултет во Скопје од 1958 до 1963 и од 1985 до 1987 година и декан на Математичкиот факултет од 1976 до 1978 година. Од 1967 до 1969 година е ректор на Универзитетот во Скопје.

Во Македонската академија на науките и уметностите извршувал високи функции, од 1976 до 1979 година бил секретар, од 1980 до 1983 година бил потпретседател, а од 1985 до 1991 година секретар на Одделението за природно-математички и технички науки.

Академик Благој Попов бил член на Меѓународната астрономска академија во Париз и член на Њујоршката академија. Научната акативност му е во областа на диференцијалните равенки и специјалните функции, а неговите научни трудови се публикувани во домашни и реномирани странски списанија, а учесник е и на бројни меѓународни конгреси на математичарите.

Тој има големи заслуги за формирањето на математичкиот кадар и за развојот на математичките науки во Република Македонија и е мосител е на републичката награда „11 Октомври“.

Заедничката комеморативна седница на Македонската академија на науките и уметностите, Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ и Природно-математичкиот факултет од Скопје ќе се одржи на 4. ноември (вторник) во 11 часот.

Погребните останки на акад. Благој Попов ќе бидат изложени во капалета на Градските гробишта во „Бутел“ од 13 часот, а погребот ќе се изврши во 14 часот.