Почина актерот Хаим Топол, најпознат по улогата на Тевје „Свирачот на покривот“

Израелскиот актер Хаим Топол, најпознат по улогата на Тевје во мјузиклот „Свирачот на покривот“ од 1971 година, почина на 87-годишна возраст. На актерот, наводно, минатата година му била дијагностицирана деменција.

Информацијата беше потврдена во објавата што ја сподели на Twitter израелскиот претседател Исак Херцог, оддавајќи му почит на Топол како „еден од гигантите на израелската култура“. Тој го опиша како „надарен актер кој глумел во Израел и во странство“ кој ги освојува срцата на гледачите. Херцог напиша и дека Топол „го претставувал Израел со голема почит“ во текот на неговата кариера.

Актерот беше номиниран за Оскар за неговата главна улога во „Свирачот на покривот“ во 1971 година, а истата година доби Златен глобус за истата улога. Тој го освои својот прв Златен глобус за најперспективен млад актер за неговата улога во израелската комедија „Салах Шабати“ од 1964 година. Топол подоцна глумеше во бројни филмови, и во Израел и во САД.

Покрај актерството, Топол се занимаваше и со добротворни активности. Тој ја основаше „Variety Israel“, организација која обезбедува поддршка на децата со пречки во развојот и нивните семејства. Беше и претседател на „Jordan River Villageр“, бесплатен камп за израелски деца кои страдаат од хронични или опасни по живот болести.

Топол во 2015 година ја доби Наградата Израел (Israel Prize), најпрестижната награда во земјата, за животно дело и посебен придонес во општеството и државата.