Почина јапонскиот моден дизајнер и креатор на познатите ролки на Стив Џобс

Револуционерниот јапонски моден дизајнер Иси Мијаке, почина на 84-годишна возраст по долгата борба со рак на црниот дроб. Познат по тоа што имаше иновативен стил, смели идеи, создаде најпродавани парфеми, Мијаке е запаметен и како дизајнер на познатите црни џемпери и ролките на Стив Џобс.

Во текот на својата долга кариера, Мијаке работеше со традиционални и модерни модни техники, а покрај неговите дела, го препознаваат и како творец кој ја преживеа Хирошима.

Според Би-Би-Си, Мијаке е роден во овој град во 1938 година и имал седум години кога градот бил уништен од атомска бомба. Неговата мајка починала од изложеност на радијација три години подоцна, а тој не зборувал за своето детство до неговите зрели години.

„Кога ќе ги затворам очите, гледам работи што никој никогаш не треба да ги доживее“, напиша тој во написот на Њујорк Тајмс од 2009 година, додавајќи дека претпочита да размислува за работи „што можат да се создадат, а не да се уништат и кои носат убавина и радост“.

Како дете сакал да биде танчер или спортист, но тоа се променило откако ги читал модните списанија на неговата сестра. Студирал графички дизајн на уметнички универзитет во Токио, потоа се преселил во Париз, живеел во Њујорк, а потоа се вратил во Токио во 1970 година за да го отвори своето студио. До 1980-тите тој беше поздравен како еден од најавтентичните дизајнери во светот бидејќи работеше со материјали од пластика до метал, како и со традиционални јапонски материјали и хартија.

Стана познат по создавањето на стил кој беше високо-технолошки, а сепак практичен и удобен и беше познат, не само во јапонската модна индустрија, туку и на глобалната модна писта.

Мијаке беше награден со престижната награда Кјото за неговата посветеност на уметноста во 2006 година, а доби Орден за култура во 2010 година за неговите извонредни достигнувања во јапонската култура и уметност.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.