Почина Џиџи Рива, најдобриот стрелец на „Аѕурите“

Најдобриот стрелец во историјата на италијанската фудбалска репрезентација, Луиџи „Џиџи“ Рива, почина на 79-годишна возраст од срцев удар, соопшти Италијанската фудбалска федерација (FIGC).

Во понеделникот, Рива беше хоспитализиран на кардиолошкиот оддел на болницата „Brotzu“ во Каљари, откако колабирал дома. Во попладневните часови, болницата објави дека состојбата на Рива се подобрува, но вечерта тој доби нов мозочен удар кој беше фатален.

Џиџи Рива, попознат како Ромбо ди Туоно (гром) е најдобриот стрелец во историјата на „Аѕурите“ со 35 гола на 42 настапи меѓу 1965 и 1974 година. Веднаш зад него е легендарниот Џузепе Меаца со 33 гола, додека Силвио Пиола постигна 30 гола.

„Шокиран сум и длабоко тажен. Италијанскиот фудбал е во жалост, Џиџи Рива го отелотвори митот за слободен човек и извонреден фудбалер. Неговата гордост, неговата класа и неговото чувство за правда обединија генерации и милиони луѓе. ‘Ромбо ди Туоно“ необично ја поврза неговата кариера како спортист и менаџер со Аѕурите, благодарение на него го освоивме Европското првенство во 1968 година и Светското првенство во 2006 година. Оние коишто, како мене, имаа среќа да го запознаат, денеска губат пријател“, изјави претседателот на FIGC, Габриеле Гравина.

Рива беше дел од селекцијата на Италија која го освои Европското првенство во 1968 година, а играше и на Светското првенство во 1970 година кога беа „сребрени“ зад Бразил предводен од Пеле.

Рива ја одигра речиси целата своја клупска кариера за Каљари и беше најдобар стрелец во историјата на клубот со 208 гола на 378 настапи. Трипати беше најдобар стрелец во Серија А.

По завршувањето на својата играчка кариера, беше на повеќе функции во Каљари, беше претседател на клубот (1986-87), а беше и почесен претседател на клубот од 2019 година до неговата смрт.

Беше менаџер на италијанската репрезентација од 1990 до 2013 година, и дел од стручниот штаб на Марчело Липи кога „Аѕурите“ го освоија Светското првенство во 2006 година.