Почина Киро Герасимов – новинар во МРТВ, поет, публицист и преведувач

Синоќа во Кочани на 71 годишна возраст почина Киро Герасимов, новинар, поет, публицист и преведувач.

Герасимов е роден 1951 година во Кочани. Завршил Филолошки факултет во Скопје, книжевност со македонски. Во својата богата кариера работеше како новинар – уредник во Македонската радио телевизија, своевремено како професор по македонски јазик и директор на Домот на културата „Бели Мугри“, а се до пензионирањето професионално се занимаваше со новинарство.

Беше автор на седумсетина книги поезија, проза како и книги од областа на историографијата, археологијата, театарот, музиката и спортот. Неговата поезија е преведена на повеќе јазици, а собираше и народни умотворби од Источна Македонија.

Автор е на десетина сценарија за телевизиски и радио емисии за потребите на Македонската радио телевизија. Зад себе како новинар – хроничар остави стотина репортажи и документарни емисии и илјадници новинарски прилози.

Добитник е на годишната награда за новинарство на МРТВ, на Седмосептемвриската награда на град  Кочани и на голем број други награди за поезија и проза.

Неговата последна книга „Зборува Радио Кочани“ беше промовирана на 16 март годинава.

Погребот ќе се изврши во четврток на Градските гробишта во Кочани.

Вечна слава!

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.