Почина ко-основачот на Intel, Гордон Мур

Гордон Мур, ко-основачот на „Intel“  производител на полупроводници, почина вчера на 95-годишна возраст, објави неговата поранешна компанија.

Процесорите на „Intel“ се наоѓаат во 70 отсто од персоналните компјутери во светот.
Мур, доктор по хемија, ја основаше „HM Electonics Inc“ во 1968 година заедно со физичарот Роберт Нојс, познат како „градоначалникот на Силициумската долина“. Неколку месеци подоцна двајцата го откупија името Intel за 15.000 долари. Мур беше генерален менаџер на компанијата од 1979 до 1987 година.

„Intel“ го пушти во продажба својот прв микропроцесор во 1971 година, програмабилен процесор кој содржи илјадници транзистори, што беше револуционерно. Денес „Intel“  е најголемиот производител на полупроводници во САД и трет во светот по промет, зад јужнокорејскиот „Samsung“ и тајванскиот TSMC.

Во 1965 година, Мур забележа дека, благодарение на подобрувањата во технологијата, бројот на транзистори на микрочипови речиси се удвојува секоја година откако интегрираните кола беа измислени неколку години порано.

Неговото предвидување дека трендот ќе продолжи стана познато како „Муровиот закон“. Подоцна, законот беше ревидиран, со што беше прецизирано дека удвојувањето на бројот на транзистори се случува на секои две години, а не секоја година.

„Муровиот закон“ им помогна на „Intel“  и конкурентските производители на чипови агресивно да ги фокусираат своите ресурси за истражување и развој за да се осигураат дека правилото е имплементирано.