Протео, кучето кое пронајде две лица под урнатините на Турција, почина вчера додека трагаше по преживеани, соопшти мексиканското Министерство за одбрана (СЕДЕНА).
„ Припадниците на мексиканската армија и воздухопловните сили длабоко жалат за загубата на нашиот другар Протео. Ја исполни својата мисија како член на мексиканската делегација за пребарување и спасување во Турција. Ти благодариме за твојата херојска работа!“, се вели во соопштението на Министерството. .
Веста ја потврди министерот за меѓународни односи Марсело Ебрард.
„ Жалам за смртта на Протео, член на спасувачкиот тим СЕДЕНА во Турција. Тој го прослави името на Мексико и нашиот народ“, рече Ебрард.
Мексиканскиот спасувачки тим во Турција одржа церемонија во чест на Протео со едноминутно молчење и аплауз со благодарност.
Војникот Вилједа, кој бил водич на Протео, изјавил дека ова куче никогаш не се откажало и дека умрело на работа, не наведувајќи детали. Мексиканските медиуми, пак, неофицијално наведуваат дека урнатини паднале врз Протео додека трагал по преживеани.
„ За жал, нема да се вратиш со мене, но јас секогаш ќе те паметам. Се надевам дека цело Мексико ќе те памети и никогаш нема да те заборави. Ќе се видиме еден ден повторно”, рекол водичот на Протео.