Почина легендарната Бранка Станковска

Легендарната радио и тв спикерка и водителка, Бранка Станковска, почина на 90-годишна возраст во четвртокот во Скопје.

Станковска целиот работен век од 39 години го мина во Македонската радиотелевизија. Нејзината најава на првиот телевизиски пренос од Црн Врв на 5-ти јуни 1964 е почеток на програмата на ТВ Скопје, емитувана преку сопствената телевизиска мрежа.

Неколку месеци подоцна, Станковска ги читаше вестите на првиот телевизиски Весник, што го означи почетокот на емитувањето на редовната програма на Македонската телевизија.

Нејзиниот глас сè уште се слуша на радиопрограмите, особено во популарниот џингл „Точно е 12 часот“.

Беше активна и по пензионирањето, особено во обуките на млади кадри.