Почина македонскиот и охридски уметник Борис Џепароски

На 47 годишна возраст, во Германија ненадејно почина македонскиот и охридски уметник Борис Џепароски, човекот кој имаше ретка дарба да создава уметнички дела со моторна пила.

Џепароски создаваше дела главно од масивно дрво на кое му даваше душа. Животот го помина на релација Охрид-Франкфурт, каде што беше на привремена работа, и иако немаше претходно уметничко образование, создаваше врвни дела.

Пошироката јавност го запозна во 2006 година, кога ја изработи скулптурата на Свети Наум во природна големина, на влезот од манастирскиот комплекс „Св. Наум“. Ја работеше на своја иницијатива, но со благослов и поддршка на отец Нектариј, старешина на манастирот. Набрзо стана вистинска атракција за посетителите. Самиот тој ја означува како негово врвно и капитално остварување.

Скулптурата ја работев во еден интензивен занес, само петнаесетина часа со моторна пила, а беше осветена на празникот Богојавление- Водици во 2006 година. Јас не сум уметник по образование, ама сакам да создавам дела, велеше скромно за себе Борис Џепар.

Со моторна пила има изработено многубројни уметнички дела во својата Република Македонија, која неизмерно ја сакаше, но и во втората татковина и негов втор дом- Германија.

Џепар, како што го знаат охриѓани се обиде и како дизајнер во изработка на камен. Во знак на голема почит кон Тоше Проески, тој изработи гитара од посебен вид бел и црн камен, која е поставена крај неговиот гроб во Крушево.