Почина милионерот Роберт Дерст осуден на доживотен затвор за убиство

Американскиот милионер Роберт Дерст осуден на доживотен затвор за убиство на познаничка во 2000 година почина синоќа на возраст од 78 години, соопштија медиумите во САД.

Според адвокатот, Дерст починал по срцеви компликации откако есенва боледуваше од Ковид-19 и беше ставен на вентилатор. Смртта била утврдена во болницата во затворот во Калифорнија.

Дерст лани во септември беше прогласен за виновен за убиството на познаничката Сјузан Берман во 2000 година, а во октомври суд во Лос Анѓелес му изрече пресуда доживотен затвор. Она што се знае е дека Берман имала намера да сведочи дека во својство на негова портпаролка во 1982 година му обезбедила лажно алиби поврзано со исчезнувањето на неговата сопруга, Кетлин Дерст, чие тело се уште не е најдено.

Ексцентричнот живот како од криминален роман на наследникот на њујоршко семејство милијардери и сопственици на имот е опишан во повеќе книги, документарци и филм во главна улога на холивудскиот актер Рајан Гослинг.

Од трите убиства за кои беше осомничен, најлесно можеше да се докаже дека Дерст во 2001 година го убил својот сосед Морис Блек. По повеќемесечно бегство и судење, судот сепак одлучи дека убиството било извршено во самоодобрана и Дерст беше ослободен.

Во 2015 година милионерот самиот случајно откри дека ги извршил убиствата.

За време на снимање на документарен филм на „Ејч-би-оу“ за својот живот во 2015 година, милионерот станал од интервју со продуцентот да оди во тоалет, каде самиот со себе промрморел „Те фатија? Што направи? Секако дека ги уби сите“, заборавајќи дека на себе има вклучен безжичен микрофон и дека тоа што го кажал е слушнато од другите.

На денот пред да се емитува последната епизода на документарецот, обвинител од Калифорнија покренал обвниние за убиство против и паднатиот во очај милионер.