Почина Мухамед Каба – поранешен градоначалник на Дебар

На 82-годишна возраст почина Мухамед Каба, поранешен претседател (градоначалник) на општина Дебар.

Прв човек на општината беше во два мандата, oд 1974 до 1982 година.

Роден е во Дебар 1941 година, каде завршил основно образование, средно економско завршил во Скопје, каде што ги продолжил и студиите на Економскиот факултет.
Дипломирал со просечна оценка 9,26, второпласиран во генерацијата и добил специјална диплома. Беше прв магистер по економски науки во градот, стои во денешната објава на општина Дебар.

По дипломирањето се враќа во родниот град, во фабриката за производство на килими „Новост“, каде што реализира повеќе инвестициски програми за проширување на производните капацитети со германска, француска, италијанска, полска и англиска технологија. За тоа време, фабриката го зголемила до илјада бројот на вработени.

Како економски експерт подготвил и реализирал повеќе инвестициски програми во повеќе сектори во Дебар, како што се: во индустријата, земјоделството, градежништвото и транспортот.

Во април 1974 година на редовните избори на 33-годишна возраст е избран за претседател на општина Дебар. Неговиот прв мандат завршил во април 1978 година и бил реизбран.

Во периодот 2001-2005 година работеше како професор на Економскиот факултет на Универзитетот во Тетово по предметите Математика, Сметководство и Статистика.

Погребот е извршен вчера на градските муслимански гробишта во Дебар.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.