Почина новинарот Ристе Недановски

По кратко и тешко боледување на 62-годишна возраст, на 4.2.2021 година почина новинарот Ристе Недановски.

Во 1980 година Недановски запишал Факултет за интердисциплинарни стурии по новинарство при Универзитетот „Кирил и Методиј“ – Скопје.

Во својот животен век, од 1991 година работи како новинар за здравство во редакцијата „Вечер“ – НИП „Нова Македонија“. Во 1997 година преминува во редакцијата „Дневник“, во 1999 станува заменик-уредник на економската рубрика и новинар за здравство во редкацијата „Утрински весник“.

Од 2004 година е уредник и новинар за здравство во редкацијата „Вечер“. Од активното новинарство се повлекува во 2006 година кога работи како PR менаџер во „Публицист“ – Скопје, од 2009 год. е извршен директор и PR менаџер во „Концепт маркетинг“, а во 2011 година е уредник на гласилото на Лекарската комора на Република Северна Македонија, Vox Medici.

Долги години подготвуваше и уредуваше текстови, посебни тематски публикации и инфо-гласила на различни асоцијации, здруженија, организации и компании (Стоматолошка комора на Македонија, „Порака“, Сојуз на помош за лица со ментален хендикеп и други.

Во својот професионален ангажман се истакнува како исклучителен познавач на здравствениот систем во Република Северна Македонија.

Автор е и учесник во подготовка на повеќе релевантни меѓународни анализи за состојбите и реформите во здравството.