Почина поранешниот француски селектор Мишел Идалго

По долго и тешко боледување, во Марсеј во 87-та година од животот почина поранешниот селектор на француската фудбалска репрезенатација, Мишел Идалго.

Идалго од 1976 до 1984 година ги водеше „Триколорите“ освојувајќи ја европската титула во 1984 година на првенството кое се одржа во Франција.

По истекот на селекторскиот мандат, Мишел Идалго четири години беше технички директор на француската репрезентација, а пет години беше и спортски директор на Олимпик Марсеј.

Во текот на играчката кариера настапуваше за Ремс со која ја освои титулата во француското првенство, а во 1956 година играше во финалето на Купот на шампионите против Реал Мадрид. Победник во уште две француски првентва беше и во дресот на Монако.

Во Кнежевството ја започна тренерската кариера преземајќи го вториот тим, беше и тренер-играч на Монако, а во репрезентацијата влезе како помошник тренер.