Последниот советски маршал и поранешен министер за одбрана Дмитриј Јазов, кој во 1991 година учествуваше во пучот против последниот претседател на Советскиот сојуз, Михаил Горбачев, почина во вторникот во 96 година од животот, пренесуваат светските агенции.
За смртта на Jазов извести руското министерство за одбрана, наведувајќи дека починал по долга и тешка болест.
Јазов, кој ја извршуваше должноста министер за одбрана од 1987 до 1991 година, учествуваше во обидот за пуч против Михаил Горбачев во август 1991 година, една година откако му беше доделен чинот маршал.
Пучистите тогаш уверуваа дека Горбачев не е во состојба да ја извршува својата должност поради здравствени причини. Прогласија вонредна состојба на шест месеци, повторно воведоа цензура и извадија тенкови на улиците во Москва.
Пучот не успеа а неговите водачи беа уапсени три дена подоцна, но тие настани го означија распадот на Советскиот сојуз кој следеше во 1991 година, а со него се промовираше и поранешниот руски претседател Борис Елцин. Јазов беше ослободен од затвор во 1993 година и помилуван за својата улога во неуспешниот преврат во 1994 година.
По неговата смрт жив е само уште еден водач на пучистите, Олег Бакланов, член на поранешниот Централен комитет на Комунистичката партија на поранешниот СССР.
Минатата 2019 година Јазов во Вилнус е осуден во отсуство на 10 години затвор поради наводни злосторства во текот на бунтот во Литванија во 1991 година против советските власти. Во бунтот загинаа 14 лица, а 700 беа ранети.
Како министер за одбрана, Јазов се споменуваше и во настаните во Азербејџан во јануари 1990 година кога загинаа повеќе од стотина цивили, во судири кои циклично се повторуваат во оваа поранешна советска република.
Меѓутоа, поради учеството во Втората светска војна, Јазов беше ценет во Русија. Министерот за одбрана, Сергеј Шојгу, на 4-ти февруари го одликуваше за „заслуги кон татковината“ во пресрет на одбележувањето на 75-годишната од победата над нацизмот. Исто така, го одликуваше и претседателот Владимир Путин, кој му ги додели Орденот на честа во 2004-та и Орденот на Александар Невски во 2014 година.