Почина професорката Љубинка Басотова која на македонски јазик ги преведе стиховите на Софокле, Вергилиј, Овидиј…

На 18.06.2020 година почина проф. д-р Љубинка Басотова, долгогодишен професор на Филозофскиот факултет, истакнат класичен филолог, педагог, научник и еминентен преведувач од класичните јазици. Покрај педагошката и научната дејност на Филозофскиот факултет, проф. д-р Љубинка Басотова извршуваше и други одговорни и раководни должности: во два мандати беше раководител на Институтот за класични, продекан за настава, потпретседател на Факултетскиот совет и др.

Многубројни генерации студенти од Филозофскиот и Филолошкиот факултет ја паметат како извонреден наставник, чии инспиративни и прецизни предавања придонеле во оформување на нивните академски и интелектуални капацитети и вештини.

Плодната научна дејност од стотина трудови на проф. Басотова е презентирана во научни и стручни списанија, предавања и реферати на меѓународни и домашни симпозиуми, конгреси и научни собири (Хрватска, Италија, Русија, Грција). Научниот интерес на проф. Басотова не беше фокусирана само во областа на класичната филологија, туку предмет на нејзини истражувања беа и теми од областа на историјата, книжевностa, македонистиката. Особено значаен придонес во развојот на наставата по латински јазик во нашата држава проф. Басотова оствари како автор и коавтор на повеќе учебници по латински јазик.

На пошироката културна јавност во Македонија проф. Басотова и е позната како автор на многубројни извонредно успешни преводи и препеви од латински и старогрчки јазик на дела од хеленската и римската културна ризница. Благодарение на нејзината преведувачка страст и посветеност, на македонски јазик се објавени култни дела, темелници на европската книжевна традиција.

Како особена доблест на препевите на проф. Басотова се издвојува исклучителниот напор вложен во креативен уметнички подвиг стиховите на Софокле, Вергилиј, Овидиј, Хоратиј, Лукретиј и други антички автори да прозвучат во оригинална метричка стапка на македонски јазик.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.