Почина српскиот актер Марко Живиќ од последици од коронавирусот

Српскиот актер Марко Живиќ почина на 50 -годишна возраст од последици од коронавирусот.

Веста за смртта на актерот ја потврди Белградскиот драмски театар, во кој тој беше постојан член.

„Денеска во Белград почина првенецот на нашиот театар, Марко Живиќ. Му благодариме за сѐ  и вечна му слава. Драг Марко, засекогаш ќе бидеш со нас“, се наведува во соопштението на БДП.

Актерот беше со недели во болница. Пред десетина дена примал кислород преку маска, но поради влошената здравствена состојба, го ставиле на респиратор.

– Ситуацијата на Марк почна да се влошува и сите негови параметри беа многу лоши, особено крвната слика. Тој има пневмонија, а дополнителна компликација му предизвика бактеријата од дигестивниот тракт. Со оглед на тоа што пред неколку години беше подложен на операција поради рак на хранопроводот и стомакот, бактеријата ја влошила неговата здравствена состојба. Се надеваме дека ќе успее да го победи коронавирусот, но лекарите отворено ни рекоа дека тој е во многу лоша состојба. Сите веруваме дека Марко е голем борец и дека многу го сака животот – рекол еден од пријателите на Марко пред неколку дена за српските медиуми.

Живиќ е најпознат по улогите во филмовите „Некролог за Ескобар“ и „Монтевидео, Бог те виде“.

Марко Живиќ е роден на 4 април 1972 година во Крушевац.

Глума го заврши во 1995 година на Академијата за уметности во Нови Сад во класата на професорот Раде Марковиќ. Тој беше дел од постојаната актерска екипа во театарот Теразије и постојан член на Драмскиот театар во Белград.