Почина српскиот сценарист Гордан Михиќ, сценарист на „Среќна нова ’49“, „Дом за бесење“…

Славниот српски сценарист, драмски писател и режисер Гордан Михиќ почина во 80. година од животот. Веста за смртта ја пренесе неговата ќерка, актерката Ивана Михиќ.

Михиќ починал во неделата наутро.

Тој беше сопруг на актерката Вера Чукиќ.

Беше редовен професор на Факултетот за драмски уметност, каде што предаваше сценарио. Напиша бројни книги по кои ќе остане запаметен. Меѓу нив се: „Кучето кое ги сакаше возовите“, „Среќна Нова ’49“, по кој македонскиот режисер Столе Попов го сними култниот филм со Мето Јовановски, Светозар Цветковиќ, Владица Милосављевиќ. Ги напиша драмите „Сироти мали хрчки“, „Црна мачка, бел мачор“…

Освоил бројни награди, меѓу кои и „Златна арена“ за сценарио за „Среќна нова ’49“ во Пула во 1986 година, прва награда за сценарио за филмот „Балкан експрес“, за „Црна мачка, бел мачор“.

Тој ги напиша сценаријата за култните филмови „Лажливо лето“, „Камионџии“, „Дом за бесење“, „Балкан експрес“, „Сивиот дом“, „Дојде време да се проба љубовта“, „Заборавени“, „Танго аргентино“…