Почина светскиот првак од 1966-та Џек Чарлтон

(PA via AP)

Поранешниот англиски фудбалски репрезентативец Џек Чарлтон, освојувач на титулата светски првак во 1966 година, почина на 85-годишна возраст.

На Чарлтон минатата година му беше дијагностициран лимфом, а патеше и од деменција.

„Џек почина мирно на 10-ти јули во својот дом во Норттамберленд. Беше обожуван сопруг, татко, дедо и прадедо. Не можеме да искажеме колку сме горди на неговиот извонреден живот и задоволството кое им го донесе на многу луѓе ширум светот“, објави неговото семејство.

Постариот брат Чарлтон беше еден од најпопуларните англиски фудбалери, а целата своја професионална кариера ја мина во Лидс Јунајтед за кој до 1952 до 1973 година одиграл 773 натпревари и освои титула шампион на Англија во 1969 година, ФА Куп во 1972-та и два поранешни Купа на саемските градови во 1968 и 1971 година, а играл и во уште едно финале на Купот на саемските градови во 1967-та во кое е поразен од загрепски Динамо. Во 1967 година е прогласен за играч на годината во Англија.

Својот најсветол момент во кариерата на „Вембли“ во 1966 година, Џек Чарлтон го постигна во друштво на својот уште пославен брат Боби Чарлтон, кој е легенда на Манчестер Јунајтед. За англиската репрезентација Џек Чарлтон остварил 35 настапи на кои постигнал шест погодоци.

По играчката кариера имаше успешна тренерска кариера во Мидлсборо, Шефилд Венсдеј и Њукасл, а најголемите успеси ги оствари како селектор на Ирска која ја водеше од 1986 до 1996 година. Со оваа репрезентација се пласираше на Европското првенство 1988 година и на две Светски првенства последователно, во Италија 1990 и во САД 1994 година, на кои доаѓаше до чертвртфиналето, односно осминафиналето.