Почина Васил Пујовски, драмскиот писател и поет

Драмскиот писател и поет за деца и возрасни Васил Пујовски почина вчера, недела, 8-ми септември 2019 година на 72 години.

Пујовски е роден на 2 октомври 1946 во Д’мбени, Костурско, со потекло од Егејскиот дел на Македонија. Завршил Филозофски факултет во Скопје, а долги години работеше како новинар, уредник и сценарист во Македонската телевизија. Од 1968 беше член на Друштвото на писатели на Македонија.

Во неговото творештво се издвојуваат делата како: „Светот на детскиот сон“ (поезија за деца, 1967), „Пред божји суд“ (поезија, 1969), „Ајде да се дружиме“ (тв-серија за деца, 1985), „Кралот Кускуле први“ (драма, 1992, „Дајте музика“ (поезија за деца, 1994, „Прва лига“ (поезија за деца, 1995), „Ѕвездено дете“ (избор поезија, 1999) и „Ѕверка без мерка“ (поезија за деца, 2000).

Пујовски важеше и за голем патриот и родољуб, кој за време на целиот свој работен и животен век се залагаше за слободна, суверена и независна Република Македонија, како и за правата на Македонците надвор од границите на Македонија и ширум дијаспората!

Васил Пујовски е автор на стиховите за бројни македонски хитови од „Макфест“ и „Златно славејче“, како на пример победничката песна на првиот „Макфест“, легендарниот евергрин „Кога те нема“, која ја пееше Хелена Благне и детскиот класик „Никола, Никола“ на Оливера Лазаревска.