Почина висок член на палестинската група Исламски џихад, штрајкуваше со глад во израелски затвор

Палестинецот Хадер Аднан, поврзан со палестинската екстремистичка група Исламски џихад, почина денеска во затвор по 87-дневен штрајк со глад, соопштија израелските затворски власти.

Властите соопштија дека Аднан одбил да направи лекарски прегледи и да добие лекарска помош, а рано утринава бил пронајден во несвест во својата ќелија и пренесен во болница.

„Хадер Аднан беше ладнокрвно погубен“, објавија од Здружението на затвореници во Газа WAED.

Четириесет и петгодишниот Аднан, од градот Џенин, е истакната личност во Исламскиот џихад на Западниот брег, окупиран од Израел во војната во 1967 година. Како и исламистичката организација Хамас, Исламскиот џихад се противи на мировните договори меѓу Палестинците и Израел.

Израел го обвинува Аднан за поддршка на тероризам.

Милитанти од Газа испукаа ракети денеска по смртта на Аднан. Израелската војска објави дека три ракети биле лансирани од Газа и „паднале на отворени области“.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.