Почна бербата на преспанското јаболко

Традиционално, денеска на големиот христијански празник Крстовден, со симболично откинување на првото јаболко во Ресен официјално почна бербата на преспанското јаболко.

На свеченоста, покрај градоначалникот Живко Гошаревски присуствува министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство Трајан Димковски, директорот на Агенцијата за финансиска поддршка во земјоделството и руралниот развој Николче Бабовски и постојаниот претставник на УНДП во Македонија, Нарин Сахакјан.

– Очекуваме оваа година наместо за решавање проблеми да разговараме за квалитет и подобар пласман на јаболката. Заеднички да ја постигнеме целта, а тоа е не да го одржиме, туку да го зголемиме производството на јаболка, да имаме промена на асортиментот и јаболката да ги имаме 12 месеци, а не само во сезона. Тоа ќе го направиме со изградба на ладилници и откупно-дистрибутивни центри, нагласи Димковски.

Успешна и бериќетна година очекува и градоначалникот Гошаревски со добра цена на јаболката.

– Овогодинашниот род на јаболка, според земјоделските стручњаци, есенва, ќе биди помал од минатата година, како резултат на големата временска непогода која скоро целосно ги уништи овошните насади во Штрбово, Наколец, Крани, Љубојно и Долно Дупени. Но, и покрај тоа, годинава се очекува да се соберат околу 120.000 тони јаболка од кои нешто повеќе од 30.000 тони ќе биде индустриско јаболко за преработка, истакна Гошаревски.

Прашан до кде е постапката за обесштетување на јаболкопроизводителите погодени од невремето, тој информира дека општинските комисии работат на изработка на лаборатите и оти околу 500 земјоделци имаат пријавено штети.

Во рамките на манифестацијата „Препсански јаболкобер“ на плоштадот „Цар Самоил“ се одржува саем на земјоделски производи и механизација, а се одржа и трибина на која присуствуваше ресорниот министер. Присутните ќе имаат можност да ги погледнат настапите на повеќе културно-уметнички друштва од земјава и странство и локални групи, а вечерната забавата ќе им биде препуштена на Влатко Лозановски и Амадеус бенд.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.