Почна дистрибуцијата на новите учебници за основно образование

Министерството за образование и наука информира дека вчера почнала испораката на новите учебници за прво, второ, четврто и петто одделение во основното образование и дека ќе се заокружи во следните две недели.

– Станува збор за 52 учебника изработени согласно нови наставни програми и напишани на сите јазици на кои се изведува наставата во основните училишта во државата – македонски, албански, турски, српски и босански јазик. Тие ќе ги заменат наставните материјали кои ги користат најмалите ученици, а ја обработуваат материјата за првото тримесечје. Веднаш по овој приоритет, продолжува печатењето на повеќе нови учебници за средното стручно образование, соопшти Министерство за образование и наука.

Од почетокот на 2022/2023 година учениците од прво, второ, четврто и петто одделение користат материјали за учење во кои се разработени содржини за првото тримесечје од учебната година.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.