Почна гласањето за избор на шеф на ОЈО ГОКК

Утрово почна гласањето за избор на нов шеф на Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција (ОЈО ГОКК).

„Се гласа на пет избирачки места во целата држава. Во скопското Вишо јавно обвинителство гласаат 91 обвинител од вкупно 163 во целата држава значи најмногу. Можноста на непосредни избори да се бира раководител на едно обвинителство сигурно е значајно и претставува поголема одговорност“, рече Јован Цветановски, јавен обвинител во Вишо јавно обвинителство Скопје, кој е и претседател на изборната комисија на гласачкото место во Вишото јавно обвинителство.

Околу 160 од обвинителите од целата држава денеска за првпат ќе го изберат новиот шеф на Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција (ОЈО ГОКК) на непосредни избори со тајно гласање.

Ова произлегува од новиот Закон за јавно обвинителство според кој раководителот на ова, по своите надлежности многу важно обивнителство се избира на непосредни избори, а со денешното гласање обвинителите ќе го пробијат ледот кон она што треба да остане редовна пракса во иднина.

На гласачкото ливче се наоѓаат четворица кандидати: досегашната шефица Вилма Русковска, скопскиот обвинител Ермон Незири и двајца обвинители од Вишото обвинителство во Гостивар – Деса Пауновска и Ислам Абази кој воедно е и шеф на ова обвинителство.

Резултатите, односно новиот шеф на ОЈО ГОКК ќе биде познат по завршувањето на гласањето, кое ќе трае до 16 часот, по што Советот на јавни обвинители има рок од седум дена да одржи седница на која ќе го назначи обвинителот што освоил најмногу гласови за нов Јавен обвинител на Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корпуција.

Зголемување на ефикасноста во гонењето организиран криминал и корупција, кадровско доекипирање и враќање на довербата во обвинителството, се дел од заедничките приоритети што ги зацртуваат тројцата обвинители што ги контактираше „360 степени“ и кои ги прашавме: зошто секој од нив смета дека треба да ја добие довербата од колегите од цела држава и да биде новиот шеф и со каква визија или програма за подобрување на работата на ОЈО ГОКК влегуваат во трката.