Со вчерашната електронска продажба на имотот на кочанскиот стечаец „Руен“, практично стартуваше имплементацијата на најновите измени во Законот за стечај, коишто предвидуваат продажба на стечајна маса само преку електрнска аукција, без почетна цена.
Засега, има уште три нови најави за продажа на стечаен имот, а според Вицепремиерот Владимир Пешевски, оваа законска измена ќе овозможи поголема транспарентност во стечајната постапка и побрза продажба на имотот.
„ Преку ваквата постапка ќе се зголеми процентот на намирување на доверителите, каде што досега постапките траеа неоправдано долго, немаше предвидено рокови за продажа, имаше неограничен борј на огласи за продажбаи случаи кога еден имот се огласваше по 15 пати со иста почетна цена. Имотот на должникот ја губеше својата вредност. На електронското наддавање е изоставена почетната вредност бидејќи ако се стави една вредност, доверителите не ја намалуваат во случај на неуспешна продажба“, посочи Пешевски.
За разлика од претходните начини за продажбата на стечајниот имот, каде што не беше ограничен бројот на огласи, во овој случај доколку имотот не се продаде и по три обиди, тој се распределува на доверителите и постапката се заклучува.
Новиот закон отвора можност за продажба и на објекти кои се изградени пред отворањето на стечајната постапка, како и недоизградени објекти поради стечај на Инвеститорот. Еклатантен пример за вакви објекти е случајот со градежните афери „Фиком“ и „Самарија“, при што поради немање можност да се утврди нивниот правен статус, со години неможеa да се продадат.
Досега се поднесени 164 барања за утврдување на правен статус на објекти во стечајна маса, а се однесуваат за 1.224 објекти.