Почна увидот во избирачкиот список

Јавниот повик за проверка на податоците во Избирачкиот список за избор на претседател на 24 април и за избор на пратеници во Собранието на 8 мај започнува денеска и ќе трае до 18 март 2024 година до полноќ.

Сите заинтересирани граѓани кои сакаат да извршат увид во своите податоци во избирачкиот список, тоа да го направат по електронски пат на официјалната веб страна на Државната изборна комисија (ДИК), http://www.sec.mk или на следната адреса: https://izbirackispisok.gov.mk  или лично во подрачните одделенија и канцеларии на Комисијата.

Барањето за запишување, дополнување или бришење на податоците во Избирачкиот список се поднесува писмено во подрачното одделение или канцеларијата на ДИК на подрачјето на живеење, или по електронска пошта на ДИК на следната адреса: [email protected].

Подрачните одделенија и канцелариите на ДИК за време на траењето на јавниот увид, ќе работат секој ден во периодот 8 до 20 часот, вклучително во деновите сабота и недела, како и за време на празници, а на 18 март 2024 година до 24 часот.

Истовремено продолжуваат роковите за собирање потписи за кандидатите за претседател и за пратеници, како и за поднесување барања за гласање на нашинците од дијаспората.

– Во интерес на транспарентноста на изборниот процес, апелираме граѓаните да го искористат правото и да ги проверат своите податоци. Согласно Роковникот и Изборниот законик, податоците за Избирачкиот список се ставени на увид со состојба од денот на распишување на изборите, 14 февруари, а по јавниот увид, ако има основани барања за одредени промени, ДИК соодветно ќе постапи – истакна на вчерашната седница членот на ДИК, Борис Кондарко.

Тој потсети дека адресите на подрачните одделенија и канцеларии се наведени на веб страницата на ДИК, како и дека скоро сите се сместени во седиштата на локалните самоуправи на општините.

-Тоа се истите подрачни одделенија и канцеларии каде во моментов тече постапката за собирање потписи – објасни Кондарко.

За текот на увидот и бројот на граѓани кои ќе извршат увид, ДИК ќе информира на дневна основа и постојано ќе апелира граѓаните да го искористат ова свое право во интерес на изборниот процес.