20.8 C
Skopje
четврток, март 28, 2024

Почнува Божикниот пост

За православните христијански верници кои се водат според јулијанскиот календар денеска почнува шестнеделниот божикен пост.

Постот ќе трае 40 дена, односно до Божик, 7 јануари, денот на раѓањето на Исус Христос. Бидејќи датумот на Божик не се менува, постот секоја година почнува на 28 ноември, а завршува на Бадник, 6 јануари.

Христијанскиот пост е воведен по примерот на Исус Христос, кој 40 дена поминал во пустина во пост и молитва. Постот претставува духовна и телесна подготовка на човекот за влез во тајната на претстојниот празник.

Божикниот пост е втор по должина на траење, веднаш по велигденскиот. Во однос на „строгоста“ за употреба на храна, божикниот пост е „поблаг“, бидејќи дозволува користење вино, масло за јадење и риба.

Целта на постот е да се „исчистат“ духот и телото, што се постигнува не само со воздржување од мрсна храна, туку и од лоши мисли, зборови и дела. За време на божикниот пост, посни се и сите славски трпези.

Со Канонот на Православната црква се предвидени еднодневни и повеќедневни пости.

Еднодневните пости се во среда и петок, Водокрст на 18 јануари, Отсекувањето на главата на св. Јован Крстител на 11 септември и Крстовден на 27 септември.

Повеќедневни пости се велигденските, петровденските, богородичните и божикните пости.

Божикниот пост, како и останатите повеќедневни постови, датира од првите векови на христијанството и се споменува во делата на светите отци од 4 и 5 век.

Првобитно постот траел седум дена, а одлуката христијаните пред празникот – Раѓањето Христово да постат 40 дена е донесена на Соборот во Цариград во 1166 година.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.