Почнува фестивалот „Звукот на Скопје“

На плоштадот „Мајка Тереза“, на платото пред зградата на Филхармонија, паркот Ибни Пајко, во Старата скопска чаршија и неколку други локации, денеска и утре ќе се одржуваат музички настапи, изложби, театарски претстави, поетски читања во рамки на годинашниот фестивал „Звукот на Скопје“.

Фестивалот ќе биде отворен со концертот на Констракта и Земља грува на платото пред Филхармонија. Првата фестивалска вечер е во знакот на екологијата и поттикнувањето еколошки навики кај граѓаните. Целта е селектирањето на отпадот да биде дел од секојдневието во функција на здрава и чиста животна околина.

Потоа следуваат настапите на Дина Јашари и бендот „Хајка“, а во чаршијата ќе настапат бендот „Вива стрингс“ и германскиот бенд „Дијаз војтас дуо“, додека во КИЦ ќе може да се погледне изложбата „Македонија“ од бразилските уметници Даниел Kастинет и Вилсон Нето.

Љубојна, Тони Китановски и Черкези, „Бла, бла, бла“, „Foolish Green“, „Брука бенд“ ќе настапат утре на вториот фестивалски ден на плоштадот „Мајка Тереза“ (пред Филхармонија), а во паркот Ибни Пајко ќе се претстават бендовите Баклава, Дориан и Добрила и Перија. Во рамки на таа сцена ќе се одржи и поетско читање, ќе биде изведена и детската претстава „Куферко, светскиот патник од Македонија“, а публиката ќе има можност да ја погледне и изложбата на колажи на Игор Калц.

„Звуците на Скопје“ е новото име на досегашниот фестивал „Звуците на чаршијата“, кој се реализира 16 години наназад и чија функција беше заживување на чаршијата како културна локација. Организаторите сметаа дека фестивалот по 16 години ја исполни својата улога и чаршијата денес е живо културно и туристичко јадро и решија отсега да се префрлат на некои други локации во градот кои би требало да заживеат во културен контекст.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.