Почнува кампањата за пописот „Тука живеам, одлучувам, постојам“

Под слоганот „Тука живеам, одлучувам, постојам“ почнува кампањата за пописот во државава, што го спроведува Државниот завод за статистика, а ќе ги опфати сите заедници во државата. Во меѓувреме, продолжува онлајн самопопишувањето на нашинците од странство преку соодветната апликација, на која до вчера до 8 часот се попишале 22.253 лица.

Кампањата „Тука живеам, одлучувам, постојам“ е креирана и спроведена од Агенцијата за остварување на правата на заедниците во земјава, со финансиска поддршка од Европска Унија.

Директорот на Агенцијата, Еран Куртиш смета дека сите етнички заедници се важни и придонесуваат за социо-економскиот, културниот, правниот како и политичкиот раст на земјата.

– Затоа е многу важно да се почитува Законот за правата на заедниците кои се помалку од 20 отсто од населението во земјава со кој се уредува остварувањето, унапредувањето и заштитата на правата на припадниците на заедниците кои се помалку од 20 проценти, а се загарантирани со Уставот, како и надзорот над спроведувањето на одредбите на овој закон и законите со кои се утврдени тие права – додава Куртиш.