Почнува новата учебна година за 245 илјади основци и средношколци

Денеска за 245 илјади основци и средношколци започнува новата учебна година 2024/25. Учебната година ќе продолжи до 10 јуни за сите ученици, освен за учениците од завршните години во средните училишта, чија настава ќе заврши на 16 мај. Наставата ќе се одржува со физичко присуство, додека онлајн настава ќе се спроведува само во училиштата каде реконструкцијата или набавката на опремата, како клупи и столчиња, не е завршена навреме. Едносменска настава ќе има во 140 училишта, а надлежните се надеваат дека оваа практика ќе се прошири на сите училишта низ државата.

За прв пат по седум години, учебната година започнува со учебници навреме доставени во сите основни училишта низ државата. Учениците ќе ги примат учебниците на првиот ден од училишната година. Според соодветното министерство, обезбедени се околу десет нови наслови за основните и повеќе од сто за средните училишта, кои претходно не биле печатени.

Министерството за образование и наука информира дека испорачало 360 илјади примероци од сите одобрени и печатени учебници и наставни материјали до училиштата. Во основното образование, за петта година по ред, ќе има недостиг на учебници за странски јазици од прво до деветто одделение, бидејќи претходното раководство на МОН го откажало тендерот за јавна набавка, а таа одлука сè уште е предмет на жалбена постапка.

Основните и средношколците оваа година нема да имаат пролетен распуст. Министерството за образование и наука ја донесе оваа одлука на основа на анкета спроведена меѓу наставниците, родителите и учениците, кои претежно сметаат дека таков распуст не е потребен. Зимскиот распуст започнува на 31 декември 2024 година и трае до 19 јануари 2025 година. Летниот распуст почнува на 11 јуни и завршува на 31 август.

Според податоците на МОН, бројот на ученици е намален за 17 илјади во последните седум години. Во истиот период бројот на првачиња е намален за околу 3.500 илјади.

Во новата учебна година во редовните основни училишта ќе бидат ангажирани над 1 000 образовни асистенти кои ќе помогнат во унапредување на воспитно – образовниот процес на учениците со попреченост и ќе им помагаат во секојдневното извршување на училишните обврски. Образовните асистенти се ангажираат преку основните училишта со ресурсни центри, а согласно барањата на родителите и старателите на учениците со попреченост.

Според МОН, досега се целосно спроведени огласите за 815 образовни асистенти, а обезбедени се средства и согласности за дополнителни 200, кои по изборот преку јавни огласи, пред да бидат ангажирани, ќе поминат дополнителна обука за квалитетно извршување на предвидените работни обврски.

Поради лошата состојба со буџетот и необезбедни средства за проекти и обврски во образованието, наставниците нема да добијат зголемување на платите во септември за 12 отсто, како што бара синдикатот, но зголемување ќе има во март.