Почнува примената на недела – неработен ден, поголеми дневници за оние што ќе работат

Стапија во сила  измените на Законот за работни односи, кои ја дефинираат недела како неработен ден за 92 проценти од работниците. За останатите, кои ќе работат во недела, измените предвидуваат за најмалку 50 проценти поголема дневница и слободен ден за работниците, кои се дел од дејностите неопходни за функционирање на општеството, дејности во кои работниот процес не смее или не може да биде запрен, како и 100 отсто поголема дневница и слободен ден за оние што ќе работат во несуштинските дејности на кои ќе им биде дозволено да работат.

Како дејности што мора да работат за нормално функционирање на општеството, во Законот за работни односи се наведени одгледување животни, мешовито фармерство, вадење јаглен и лигнит, вадење руди на метал, печатење и издавање весници, производство на леб, слатки во свежа состојба и бисквити, производство на плочи, листови, цевки и профили од пластични маси, производство на индустриски гас,  производство на метали, аптеки, снабдување со електрична енергија, гас, пареа и климатизација, снабдување со вода, отстранување отпадни води, управување со отпад и дејности на санација на околината, како и копнен, цевоводен, воден и воздухопловен транспорт.

Во овие дејности спаѓаат и складирање и помошни дејности во превозот, објекти за сместување, дејности за подготовка на оброци и служење храна, филмска дејност, дејности за видео и телевизиска програма, емитување програма, телекомуникации, информативни услужни дејности (хостирање, обработка на податоци, интернет-портали и сл.), прикажување  филмови, фотографски дејности, ветеринарни дејности, изнајмување и давање под закуп (лизинг) моторни возила, дејности на приватна заштита и услуги на заштита со помош на сигурносни системи, но и дејности на повикувачки центри.

Како суштествени се наведени и општите дејности на јавната управа, само за итни и неодложни работи поврзани со одржување седници, инспекциски надзори, а кои работи се од витално
значење за државниот и јавниот интерес, работи на одбраната, судски и правосудни дејности, работи на јавниот ред и безбедноста, дејности на пожарникарската служба, дејности за здравствена заштита, дејности на социјалната заштита со сместување, креативни, уметнички и забавни дејности, дејности на музеите, дејности на зоолошки градини и природни резервати, спортски, забавни и рекреативни дејности, погребни и слични дејности, царинска служба на гранични премини, дејности што имаат карактер на помошни или придружни дејности со цел непречено функционирање на дејностите од овој став, врз основа на склучен договор со работодавачот од дејностите од овој став, како и работни места од други дејности што не се опфатени со овој став, а имаат карактер на помошни и придружни работи за непречено извршување на основната дејност на работодавачот.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.