Почнува проектот за гасификација на Скопје вреден 100 милиони евра

1570

Вкупно 17 општини од скопскиот регион се опфатени во проектот за гасификација кој што е во вредност од 98,4 милиони евра, рече денеска премиерот Никола Груевски објавувајќи го стартот на овој капитален зафат.

„Од денеска почнува конкретната операционализација на проектот за гасификација во Република Македонија. Во изминатите неколку години интензивно и посветено работевме на завршување на сите мерки, активности и процедури за да дојде до оваа точка. Тоа не беше нималку лесна и едноставна работа иако некои структури се обидуваат да ја прикажат така“, рече Груевски.

Овие средства ќе бидат искористени за изградба на потребната инфраструктура и набавка на опрема. Овој проект, како што нагласи премиерот Груевски, ќе биде реализиран во соработка со јавно приватно партнерство, повикот ќе биде објавен деновиве и ќе трае се до 25-ти мај.

Со овој голем проект, како што рече тој, ќе има низа придобивки, како што е намалување на трошоците, зголемување на енегертската ефикасност и намалување на загадувањето.

Со гасификацијата, освен општините во Скопје, се опфатени и Сопиште, Зелениково, Студеничани, Петровец, Илинден, Чучер Сандево и Арачиново.

„Анализите во студијата покажуваат дека стан од 80м2 ако користи природен гас за една грејна сезона има намалување на трошоците од 24 отсто во однос доколку користи парно, седум отсто доколку користи дрво, 54 отсто доколку користи екстра лесно гориво, 51 отсто, доколку користи течен компримиран гас и 35 отсто доколку користи електрична енергија за затоплување. Слични вакви податоци и параметри важат и за помалите комерцијални објекти со моќност од 10KW“, појасни Груевски.

Премиерот информираше дека граѓаните кои сакаат своите домови да ги приклучат на гасоводната мрежа ќе треба да платат 1,25 евра по метар квадратен односно 100 евра за станбен простор од 80 метри квадратни. За куќа од 240м2 приклучната такса би изнесувала околу 300 евра. Приклучната такса за комерцијалните објекти ќе биде исто 1,25 евра по метар квадратен корисна површина.

Кога станува збор за двата други региона во државата кои се предвидени во однос на овој проект покрај скопскиот, односно источниот и западниот регион, до изградба на гасоводна мрежа, во студијата е предвидена можност дистрибутивните системи во овие региони да се снабдуваат со компримиран природен гас транспортиран со камиони или воз.

„Вакви системи на снабдување со природен гас се применуваат и во други држави, кога во одредени региони нема доволна потрошувачка на природен гас за да се изгради гасовод или за снабдување на региони до моментот кога тие ќе се приклучат на снабдување преку цевка. Значи со оваа студија се предвидува до моментот на приклучување на овие региони на дистрибутивен систем за природен гас, тие ќе се снабдуваат со природниот гас преку достава на гасот со цистерни и воз“, истакна денеска премиерот Груевски.

Започнува процес, нагласи тој, кој што е резултат на големи повеќегодишни, децениски залагања.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.