Почнува самитот на ШОС во Узбекистан, во фокусот средбата меѓу Путин и Кси

Рускиот претседател Владимир Путин и неговиот кинески колега по должност Кси Џинпинг ќе се сретнат во четвртокот, првпат по почетокот на војната во Украина и тензиите околу Тајван, на самитот на Шангајската организација за соработка (ШОС – SCO), кој се одржува во Самарканд во Узбекистан.

Руски функционери најавија дека средбата, којашто ќе се одржи на маргините на самитот, ќе биде искористена за детални разговори за војната во Украина. Кина, којашто го одби повикот на Западот да ѝ воведе санкции на Русија, ѝ изрази поддршка на Москва и за војната ги обвини „империјалистичките амбиции“ на САД и НАТО.

Турскиот премиер Реџеп Тајип Ердоган, иранскиот претседател Ебрахим Раиси и индискиот премиер Нарендра Моди, исто така, ќе присуствуваат на самитот, прв директен состанок на челниците на ШОС по 2019 година.

Според најавите, се очекуваат низа билатерални средби, како и влез на Иран во евроазискиот политички, трговски и безбедносен блок. Иран досега имаше статус на набљудувач како и Белорусија и Монголија.

Членки на организацијата се Кина, Русија, Индија, Казахстан, Киргистан, Пакистан, Таџикистан и Узбекистан. Азербејџан, Ерменија, Камбоџа, Непал, Турција и Шри Ланка, пак, се земји партнери на ШОС.

На виртуелниот самит на ШОС во Душанбе во септември 2021 година, започна процедурата за приемот на Иран во организацијата и доделување статус партнер во дијалогот на Египет, Катар и Саудиска Арабија. Годинава Белорусија официјално поднесе барање за приклучување кон ШОС како полноправна членка.

Во одвоено соопштение узбекистанската влада соопшти дека Путин допатувал во Самарканд и дека ќе се сретне со иранскиот, киргистанскиот, пакистанскиот, туркменистанскиот и узбекистанскиот лидери. Во петокот, се додава, рускиот челник ќе се состане со челниците на Азербејџан, Индија и Турција.