Почнува школската година за 18.560 првачиња

Во новата учебна година околу 18.560 првачиња првпат ќе седнат во училишните клупи. Додека возбудата и ентузијазмот кај најмалите е се поголем, родителите прават калкулации колку вкупно средства ќе треба да издвојат од својот џеб за да им го направат првиот училишен ден незаборавен.

Првичните проценки, според изјави на родители, покажуваат дека треба да се издвојат околу 6.000 денари или околу 100 евра за еден првоодделенец да стартува во учебната година. Просечната плата во јуни годинава, според статистичките податоци, изнесува 25.205 денари.

Освен потребниот училишен прибор во кој спаѓа ранец, различни моливи, гуми, острилки, тетратки и боички, родителите треба да издвојат средства и за нова гардероба, а сето тоа, како што велат, допонително го оптоварува домашниот буџет.

Најголем дел од трошокот отпаѓа на училишниот ранец и гардеробата.

-Цената на еден училишен ранец се движи од 250 до 3.000 денари, нормално во зависност од квалитетот и марката на произведувачот. Најголем дел од родителите се одлучуваат да купат ранец од во износ од 1.000 до 2.500 денари, вели продавач во една од книжарниците во Скопје.

Во книжарницата и останатите дуќани можеше да се забележи дел од училишен прибор како што се тетратките, фломастерите, пластелинот, дрвените боички, острилки, чанти за прибор, по цена од 500 до 1.000 денари, исто така во зависност од квалитетот на производот.

За потребната гардероба за едно прваче, како што е блуза, јакна и фармерки, според продавачите во дуќаните, на родителите им се потребни дури до 6.000 денари.

Освен тоа, тука се и трошоците за обувки, што според цените во дуќаните во трговските центри можат да изнесуваат од 800 до над 3.000 денари.

 

Сузана Јаневска, мајка на две деца, смета дека со оглед на просечните примања, цените на училишниот прибор се превисоки.

– Мое лично мислење е дека со оглед на нашите примања, цените се премногу високи. Не секој може да си дозволи на детето да му купи се што му е потребно за првиот училишен ден. Цените треба да се намалат на училишниот прибор бидејќи се нереално високи. Исто така и ранецот е прескап, вели Јаневска која додаде дека за еден добар и квалитетен ранец за првачето одвоила 1.500 денари.

Што се однесува до училишниот прибор, таа вели дека за боиците одвоила 100 денари, а исто толку чинат и фоломастерите, водените боички и четки. За тетратки плаќа од 20 до 30 денари, а приближна е цената и на училишните блокови.

-Секако за првиот училишен ден детето би требало да носи нова, чиста облека, па затоа пред првиот училишен ден најверојатно ќе одвојам околу 1.000 денари за нови фармерки и околу 300 денари за маичка. Исто така, на првачето ќе му купам и палто од 1.000 денари и нови патики до 800 денари, рече Јаневска.

Таа вели дека на почетокот трошоците изгледаат мали, но со текот на времето сфаќаш дека се многу високи.

-Моливите чинат 20 денари, не се скапи. Но, мора да се има в предвид дека моливите многу брзо се трошат и се купуваат секојдневно, така да на почетокот се мисли дека трошоците се ситни, подоцна сфаќаме дека се навистина големи, потенцираше Јаневска.

Учебниците бесплатни, униформи и обезбедување на сметка на дел од општините.

Додека училишниот прибор го плаќаат родителите, учебниците веќе неколку години наназад ги набавува Министерството за образование и наука, согласно Законот за учебници за основното и средно образование донесен на 25 јули 2008 година. По завршувањето на учебната година, учениците се должни да ги вратат учебниците сочувани, во спротивно ќе плаќаат оштета. Ценовник за оштетените учебници е наведен на веб-страницата на МОН.

Освен учебниците, родителите се поштедени и од плаќање на униформи и на училишното обезбедување.

Општините обезбедуваат и униформи за првачињата со пари од општинска каса. Целта на униформите е дечињата да имаат социјална еднаквост и од мали години да се едуцираат за надминување на социјалните разлики кои што постојат меѓу дел од семејствата.

Дел од општините ги преземаат и трошоците за обезбедување на основните училишта и детските градинки што до сега ги плаќаа родителите.

Парична помош за првачињата годинава ќе додели Општина Аеродром за да се олеснат трошоците на родителите новиот ученик во семејството.

-Оштина Аеродром и оваа година ќе додели еднократна парична помош на семејства со прваче во висина од 3.500 денари. Родителите на сите првачиња запишани во едно од училиштата на територијата на Општината можат да поднесат барање за еднократната парична помош од 1.6.2019 до 16.9.2019 година, велат од Општината.

Неработен ден за родителите на првачиња во администрацијата

Втори септември за административците кои имаат прваче е слободен ден. Согласно член 28 од Општиот колективен договор за јавниот сектор, работникот има право на платен одмор од еден ден за првиот училишен ден на своето дете.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.